Историски митинг на Славија: народ желен за правда
Полицијата, пак, зборуваше за 30 илјади учесници, цифра што ја повтори и српскиот претседател Александар Вучиќ. Јасно е дека огромен број граѓани се одѕваа на повикот на студентите кои го блокираат факултетот, а на протестот им се придружија и земјоделците.
Масовноста секако е главниот впечаток, бидејќи првенствено власта се надеваше на постепено згаснување на студентските протести.
Уапсен трактор!
Протестот помина без поголеми инциденти, но во текот на денот беше видливо дека власта на различни начини се обидува да спречи поголем одѕив од граѓаните. Па така возови за Белград беа запирани, автобуски линии откажувани.
Параноја беше видлива и при „апсењето на тракторот“ на Златко Кокановиќ од иницијативата „Не го даваме Јадар“ паркиран во близина на плоштадот Славија – цела полициска единица го отстрануваше тракторот поради наводно непрописно паркирање.
И додека граѓаните се подготвуваа за протестот, Вучиќ во текот на денот ја отвораше делницата од автопатот од Крушевац до Врњачка Бања, а внимателните набљудувачи не го пропуштија фактот дека претседателот беше придружуван од американскиот амбасадор Кристофер Хил. Вучиќ во таа прилика повтори дека „нема да ја предадам власта никому без избори, мајчини синови, додека сум жив. Без тој трагичен настан, односно додека не ме убиете, нема да дојдете на власт, освен на избори“.
Во текот на вечерта Александар Вучиќ од Претседателството на Србија имаше малку помалку бизарно обраќање во кое изјави дека „во Белград се одржа исклучително голем собир. Тие луѓе се опозициски ориентирани и јас од секогаш сум бил подготвен да чујам што мислат“, рече Вучиќ и побара „под српското знаме да се обединиме околу основните цели“.
Нема простор за повлекување
Масовниот протест беше актуелната кулминација на неколкунеделните блокади на факултетите и средните училишта во Србија и „секако ги исполни очекувањата“, изјави за ДВ Драган Поповиќ, директор на Центарот за практична политика.
„Тоа беше практична демонстрација на поддршка за студентските барања. Се покажа и дека кога има добра организација и голем одѕив, дека нема инциденти, тепања, или обиди за насилно прекинување на собирот“, истакнува Поповиќ.
Според Поповиќ, на властите им се покажа дека луѓето „се желни за правда“.
„Тука се случуваат трагедии кои очигледно се резултат на неработењето на државата и мислам дека Нови Сад беше последната капка која ја прели чашата. Ваквиот масовен собир е порака до властите дека е „удрено во ѕид и веќе нема простор за повлекување“, додава тој.
Политичка артикулација на протестите
Од почетокот на студентските протести, упадливо е дистанцирањето од политичките партии, иако мнозинството од опозицијата ги поддржува студентските барања.
Но, сега се поставува прашањето колку долго може да се врши притисок врз власта и дали е можно да се постигне нешто конкретно само преку студентски и средношколски протести.
Директорот на Центарот за практична политика смета дека „во одреден момент мора политички да се артикулира незадоволството ако сакаме да ја спасиме државата“.
„Сега има различни идеи, но без организирана политичка опозиција не гледам можност за некакво решение. Опозицијата мора да биде подготвена бидејќи ова во одреден момент ќе мора ова политички да се капитализира. Власта и сега игра на картата на изумирање на протестите, но мислам дека оваа енергија нема лесно да се згасне“, изјави Поповиќ за ДВ.
Две (не)возможни сценарија
Се кристализираат две потенцијални сценарија: генерален штрајк и преодна влада. Претседателот на Србија воинствено ја отфрла можноста за преодна влада, а генералниот штрајк е под знак прашалник, бидејќи со куп расцепкани, уценети и фантомски синдикати речиси е невозможно да се постигне единствен став по ова прашање.
Драган Поповиќ смета дека „главната работа е што различни групи бараат исто. На некој начин, преодна влада е признание за капитулацијата на Александар Вучиќ и не сум баш сигурен дека сме навистина блиску до тоа сценарио“, оценува Поповиќ.
Власта во моментов и покрај опозициската еуфорија на социјалните мрежи, барем на прв поглед не делува премногу загрижено. Има одредени отстапки кога станува збор за студентските барања, но сите тие се прилично скромни.
Обвинителството е парализирано, министерствата за силите и тајните служби продолжуваат да дејствуваат цврсто анти-опозициски, а понекогаш се стекнува впечаток дека едноставно не можат да го дочекаат моментот за жестоко справување со противниците на режимот. Сепак Драган Поповиќ вели дека „не е сигурен оти не се загрижени. Мислам дека сето она што го прават, и ова расфрлање со буџетски пари, покажува дека тие се прилично исплашени“. „Веројатно и истражувањата на јавното мислење им покажуваат дека протестите мора да бидат првенствено ограничени на студентите. Нивниот најголем страв е студентскиот протест да не се прошири на граѓански. Но, Вучиќ се обидува тој страв да го тргне пред сѐ кај неговите поддржувачи и функционери со својот порадикален речник и да покаже дека ништо важно не се случува и дека сѐ е под контрола“, заклучува Драган Поповиќ.(dw)