Телма: Има ли судир на интереси во ДКСК? Која е Цвета Ристовска
До пладне антикорупционерка, од пладне магистар на Универзитет за менаџмент и туризам.
Цвета Ристовска има две позиции во јавниот живот, но вчера при одлучувањето за предметот за директорот на АНБ Бојан Христовски ги измеша. Таа реферираше и за сомнителната диплома издадена на Универзитетот за менаџмент и туризам Скопје и рече дека е чиста според известувањето на просветниот инспекторат.
Ристовска всушност и на сајтот на Антикорупциската комисија и на сајтот на Универзитетот Скопје во нејзините биографии стои дека е ангажирана како наставен кадар на Универзитетот. Таа дури и на инстаграм страната на Универзитетот во април како колешка добила и роденденска честитка, пренесе Телма.
До вчерашната седница на ДКСК за предметот Бојан Христовски тоа можеби и не беше спорно, но по седницата сега има сериозни сомнежи за судир на интереси. На Ристовска како член и бил доделен предметот за директорот на АНБ во кој по анонимна претставка беше оспорена и факултетската диплома на Универзитетот Скопје која ја пријавил директорот на АНБ за да исполни услови за врвната безбедносна позиција во тајната служба. Иако е дел од наставниот кадар на истиот приватен Универзитет, Ристовска не се откажала од предметот за директорот на Агенцијата. Уверуваше дека просветниот инспекторат не нашол ништо спорно во факултетската диплома издадена на Универзитетот каде е дел од наставниот кадар.
На официјалните мејл адреси на Антикорупциската, како и преку вибер на претседателката Татјана Димитровска, испративме прашања до ДКСК, дали станува збор за случај на судир на интереси. Но никој не одговори на нив до монтирањето на прилогот. Телефонскиот број на Ристовска наведен на веб страната на ДКСК исклучува и не постои. Во законот за спречување на корупција е дадена дефиниција за судир на интереси.
„Под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности“, се наведува во член 2, став 3 од законот за спречување на корупција и судир на интереси.
Дополнително и во Етичкиот кодекс на Антикорупциска стои дека членот треба да се откаже од одлучувања во предмети кои се поврзани со судир на интереси.
„Претседателот и членот на Комисијата нема да дозволат финансиски интерес или каква било друга форма на интерес утврдена со закон, за него, за неговото семејство, за роднините, пријателите, за физички и правни лица со кои има или претходно имал деловни врски, да дојде во судир со нејзината/неговата функција“, стои во член 9, став 1 од Етичкиот кодекс на ДКСК.
Ова е слика од септември лани кога на универзитетска прослава, антикорупционерката Цвета Ристовска е сликана со ректорот Аце Миленковски.