Српскиот свет се распаѓа?!

Една изрека вели дека многу луѓе би се згрозиле доколку пред огледало наместо лице го видат својот карактер!

Терминот „Cрпски свет“ е промовиран на 26 септември 2020 година, од тогашен министер за одбрана Александар Вулин. „Вучиќ треба да создаде српски свет. Белград треба да ги собере сите Срби во и околу него, а претседателот на Србија истовремено треба да е и претседател на сите Срби“! Но, поради тоа што постојните геополитички околности „не го фаворизираат обединувањето на сите области каде што живеат Срби“, тој верува дека тоа сепак „ќе се случи за десет, дваесет или педесет години“!

Таков дефектен ум не гледа дека и народи од големи и силни држави живеат во некое соседство. Добар дел од Французите живеат во Белгија и Швајцарија. Околу 29% од Германци живеат во соседни држави. Дури и многу Руси живеат во околни држави. Само луѓе со „подземен ум“ промовираат „небески народ“. Но, сега гледаме дека во Србија имало и многу поинакви од Вулин и сличните. Тие денес се силна бура, што ја зачудија цела Европа.

Иницијалните искри од сегашнава силна бура во Србија се појавија кога се урна настрешницата на железничката станица во Нови Сад каде што загинаа 15 луѓе. Тешко некој можел да претпостави дека тоа ќе прерасне во масовна револуција. Особено не во ова Србија која е економски многу понапред од околни соседи. Но, уште еднаш се покажа дека елементите на „режим“ внатре во државата се ептен добар акумулатор на колективен гнев, кој во еден момент силно ќе еруптира. Сега низ цела Србија стотина илјада активни млади – ученици, студенти и многу други, од темел ја тресат Србија на Вучиќ, Вулин, Дачиќ и сличните. Имаме импресивна младешка инклузивна енергија, која никого не навредува, ни внатре ни во соседство. Сакаат нормална власт, нормални институции еднакви за сите без разлика. Единствената разлика треба да биде знаењето, работата и посветеноста. Тоа кај сите нормални се вика „мерит-систем“.

Дачиќ јавно покажа снимка од телефон како се однесувал некој агресивен протестант и се закани дека „тој што дигне рака на полиција оди во затвор“. Но, тоа е огромна маса луѓе што е невозможно во целост да се контролира. Тие јавно сега велат дека „штом нема правда за народот, нема да има мир за власта“. Општ впечаток кај протестантите е дека власта му должи нешто многу на криминалното подземја.

На страната на младите за промени се бројни новинари, редакции, синдикати, здруженија, административци изморени од неписмени партиски шефови, професори и цели деканати. Ученици од средни училишта напишале „Ако ве прашаат дома кај сте биле, кажете дека сме биле во час по совест и достоинство“. Власта продолжува да се повикува на економски резултати, но тоа наидува во глуво уво. Србија, наспроти брзото економско развивање, внатре сепак остана тешко партизирана и криминализирана средина што по своја природа развива голема граѓанска дискриминација и колективен гнев.

Јавноста најмногу е изиритирана поради агресивното однесување на власта и нивните се помал број поддржувачи кон мирните демонстранти, дури праќајќи маскирани лица кои тепале луѓе насекаде по собири. Дури газеа демонстранти со кола. Безумно делувал моментот кога биле нападнати студенти од Факултетот за драмски уметности, од страна на активисти од Напредната странка на Вучиќ. Сериозен инцидент се случи во центар на Белград кога врз членови на филхармонијата на блокирана улица налетел возач на „Пежо“ повредувајќи четворица луѓе. Меѓувремено низ цела Србија се множуваат транспаренти со напис: „Студенти, спасете ни ја државата“. Нервоза на сите страни. Тешки навреди и етикети од страна на медиуми лојални на режимот. Лично Вучиќ ја собрал целата влада на премиерот Вучетиќ и ги искара јавно пред камерите, како да се мали деца од предшколска возраст. Ги навредувал и ги понижувал до срж, дека „не знаат ништо да работат“, дека „се плашат од својата сенка„ додека тие срамно молчеле со наведнати глави! Влсата веќе фронтално е искарана со повеќе непослушни сегменти од јавниот живот, состојба што дополнително го зголемува општиот револт.

Србија во глобала има добри резултати во однос на економскиот развој, но партизацијата во секој сегмен од јавниот живот и општата криминализација на повеќе области има создадено големо незадоволство кај обичните граѓани. Тоа не е можно да се контролира дури ниту со гебелизам. Така што реално Србија сега е доведена на само три опции – пад на режимот, голем масакар или граѓанска војна. Тука дури и најдобри реформи и промени што може да ги понуди постојната власт, априори нема да се прифатат оти во основа се некредибилни. Најдобро решение е режимот на Вучиќ да си замине без крвопролевање и да се создаде можност студентите со невладини структури политички да се организираат, оти постојната опозиција во Србија го нема потребниот авторитет.

Нашата власт да извлече поука!

Деновиве слушав невиден апсурд како еден министер не сакал да пушти детска градинка во Арачиново оти градоначалникот на таа општина му кажал нешто, што е комбинација на голем апсурд и глупавост. Исто така абсурдно е новата влада по автопатишта и гранични премини да го избрише Албанскиот јазик, и на нивно место да го додаде францускиот! Пораката е ептен лоша оти кај луѓето се доживува како колективна навреда додека кај едни албански коалициони компоненти некои се праваат „Французи“!

Премиерот има објективна одговорност за состојбата оти во предизборната кампања не правеше јасна разлика меѓу партиското и етничкото во партискиот ривалитет со ДУИ. Тоа има создадено голема недоверба што воопшто не е лесно да се санира наспроти сегашните умерени пораки од негова страна. Потезите со резидентното население, со балансерот пред да се донесе закон, и сега со јазикот каде што висок функционер на неговата партија е еден од иницијаторите пред Уставен суд, тешко ја имаат торпедирано постигната просечна меѓуетничка кохезија во државата. Ќе треба многу време тоа да се санира, и секако не на ваков начин. Понајмалку, работата не оди со луѓе чиј единствен талент е кимањето со главата, туку со професионалност, балансираност и стриктно почитување закони.

Добро е тоа што брзо се процесуираат тие што се влезени во американска црна листа, но мора тоа да биде генерално. Имаме и други, вклучително и од истокот на државата чии имиња никаде ги нема, а САД бараат да се истражуваат! Додека во Србија за 15 загинати по вина на власта целата држава е на нозе, тука многу е заташкано, вклучително и за тоа како се правеле модуларни болници, како се транспортирале луѓето со автобуси, а изгореа живи луѓе! Секако дека тука вина има и минатата власт. Случувањата од соседството треба да ни е поука дека тешката „болест“ наречена партизација може сосема лесно да ни се скрши по главата! Докажано е веќе дека партизацијата и мајоризацијата се рак-рана за секое општество од кои се умира. Кога тоа ќе се меша со национализам, тоа веќе е опасна смеса за колективно труење. Србија е жив пример! Оние кои мирната еволуција ќе ја прават невозможна, насилната револуција ја прават неизбежна.

Мора веднаш да се пристапи кон мерит-системот, оти времето не гази. Токму поради недостаток на таков систем станавме држава рекордер по дисциплината „скокање по дипломи во виндишова техника“. Администрацијата и судтвото ни се полно полуписмени. Секој знае дека штом чатијата протекува веднаш треба да ја санирате оти целата куќа може да се урива. Фридрих Хегел вели – божјата сила во земјата е само праведната држава.

Мерсел Биљали

 

 

Back to top button
Close