Во чие срце е Полска?

Порано се пишуваа текстови, анализи, предвидувања на секои шест месеци кога некоја земја членка требаше да го преземе претседателството на Европската унија. Така беше некако слично пред половина година кога кормилото на ротациското водство го презеде Унгарија. Какви сѐ не очекувања се калапеа околу моќта и умешноста на најдолговечниот на власт во ЕУ, Виктор Орбан, неговиот еврокомесар за проширување Оливер Вархеи, околу напредокот на Македонија, се тврдеше дека унгарскиот премиер не треба да се потценува, иако е речиси изолиран во Унијата. Владата дури испрати свој човек во Будимпешта како специјален претставник во претседателството на ЕУ (поранешниот амбасадор Ивица Боцевски).

Реално, унгарското претседателство постигна успех на неколку полиња: Бугарија и Романија конечно добија зелено светло за влез во Шенген, Албанија се оддели од Македонија и отвори два кластери, Црна Гора затвори три, но Орбан не успеа да протурка Србија да отвори барем еден кластер. Македонија никој не ја спомена, дури ни Вархеи, освен во една реченица, дека ние најверојатно нема да продолжиме напред додека не ги направиме уставните измени.

Унгарскиот чардаш заврши и од 1 јануари на сцената се елегантните полски мазурки и полонези. За претседателството на Полска со ЕУ речиси да не се пишува ништо (освен една опширна анализа од Брисел на државната агенција). Ова општество како наеднаш да го загуби интересот за ЕУ, не само политиката, туку и оние што се занимаваат со анализи на политичките случувања, некои од партиите, новинарите, па дури и луѓето што работат во невладините организации посветени на европските прашања. Како веќе никого посебно да не го интересира европскиот пат. Што има поважно од тоа веќе еден месец секој ден да се пишува за Артан Груби, за неговото помогнато или не бегство, дали му стигнал или не мејлот за отказ од работата на тетовскиот универзитет, секојдневни соопштенија од владините партнери за животот и приклученијата на некогашниот вицепремиер, кој сѐ уште не се гони заради оние работи поради кои беше ставен на американската црна листа.

Дали македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски побарал а не успеал да се сретне со еден од најважните луѓе во европската дипломатија, неговиот полски колега Радослав Сикорски, не знаеме. Можеби некаде од нога се сретнал. Оние што не го знаат влијанието и авторитетот на Сикорски во Европа и преку Атлантикот треба поработат повеќе да го разберат тоа и да поработат на агендата за средба меѓу двајцата министри, и Радек, како што познат нашироко, да помогне за излез од македонскиот ќор-сокак.

Додуша, македонскиот премиер Христијан Мицкоски имаше средба со полскиот премиер Доналд Туск за време на самитот на Европската народна партија (ЕПП) во Брисел на 18 декември. Според објавените фотографии средбата била само меѓу нив двајцата и Мицкоски на Фејсбук објави за што разговарале:

„Разговаравме за прашања поврзани со ЕУ, можноста да се одблокираат преговорите со Унијата, како и нашите позиции во однос на таквите напори. Разменивме мислења и за предизвиците со кои се соочува ЕУ, прашањето со Украина, како и искористувањето на можностите за продлабочена соработка меѓу двете пријателски држави“.

Какви се можностите за „одблокирање на преговорите со Унијата“ за време на полското претседателство со ЕУ? Ако се суди според програмата на Варшава за овие шест месеци, нејзините приоритети и проширувањето (ако не се во прашање Украина и Молдавија).

Прво Украина и Молдавија, па другите

Во опширната програма на Варшава проширувањето на ЕУ е споменато само во предвидените обврски на Советот за општи работи (ГАК), каде што министрите за Европа ги даваат своите препораки за земјите кандидати. Во делот за ГАК, меѓу другото, пишува:

„Проширувањето е најдобриот можен инструмент за Европската унија да ги зајакне и промовира мирот, демократијата, владеењето на правото и просперитетот во Европа. Проширувањето е исто така најефективниот канал за промовирање на европските вредности во нашето соседство. Целта на полското претседателство е да постигне напредок во процесот на проширување, како во источна насока, така и во однос на Западен Балкан, во согласност со вклученоста на земјите кои претендираат да се приклучат на ЕУ, во согласност со пристапот заснован на заслуги… Претседателството ќе продолжи да работи на внатрешните реформи на ЕУ за да се исполнат нејзините долгорочни приоритети, за да се обезбеди непречено функционирање на политиките на ЕУ и нејзиниот капацитет да дејствува во однос на новите геополитички реалности и изгледите за проширување. Ќе се фокусираме на она што е потребно за да ја подготвиме ЕУ за нови членки“.

Ова изгледа премногу општо. Повеќе детали дадоа некои од полските претставници. А тие не изгледаат баш привлечно за Македонија. Всушност, никој и не ја споменува Македонија.

Постојаната полска претставничка во ЕУ, Агњешка Бартол, најави дека проширувањето на Унијата претставува геополитички приоритет за Полска, додавајќи дека кон пристапниот процес Варшава „има намера да заземе избалансиран пристап, особено за Западниот Балкан“.

Сикорски изјави дека Полска за време на своето претседателство ќе обезбеди „соодветна брзина и квалитет на проширувањето на Европската Унија кон исток и југ“. „Нашата цел е да постигнеме напредок во однос на Украина, Молдавија, како и на Западниот Балкан. Напредокот во процесот на пристапување треба да биде сразмерен со постигнувања на земјите кандидати за (членство во) ЕУ“.

Украина и Молдавија аплицираа за членство во Европската унија кратко време по инвазијата на Русија на Украина во февруари 2022 година. Процесот е круцијален за безбедносниот пејзаж во годините што следат и влијанието на Русија меѓу земјите-членки.

Заменик-министерот за надворешни работи на Полска, Марек Правда, неодамна рече дека ЕУ „брзо“ ќе продолжи напред со почетната фаза од пристапните преговори со Украина и Молдавија за време на полското претседавање и дека ЕУ ќе отвори две области на преговори: владеењето на правото и надворешните односи. На референдумот за пристапување во ЕУ во октомври, Молдавците тесно гласаа за промена на уставот на нивната земја за да ја вклучи стратешката цел за членство во блокот. Украина го заврши скринингот на првата група преговарачки поглавја.

Извори во полската мисија при Унијата изјавија дека Варшава се надева оти Албанија и Србија ќе отворат преговори по нови поглаја, а Црна Гора ќе затвори некои од отворените. Македонија како да е заборавена. Во ставовите на Варшава за проширувањето неколку нејзини функционери изјавија дека дека темпото со кое тоа ќе се одвива ќе зависи од посветеноста на кандидатите за спроведување на реформите и на исполнувањето на обврските. А ние знаеме каква е нашата обврска. За два-три месеци ќе дознаеме во чии срца е Полска.

Агендата на Полска е поврзана со безбедноста и само безбедноста – надворешна и воена, енергетска, економска, храна и клима, здравје и информации. Првата работа со која ќе се соочи полското претседателство е дали новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп по 20 јануари ќе воведе општи царини од 10 до 20 отсто и 60 отсто за кинески стоки. Ако се остварат тие најави тоа ќе биде голем удар за Унијата. Се очекува вториот мандат на Трамп да биде уште полош за трговијата од првиот, но Европската комисија е категорична дека овојпат е подобро подготвена. Но, доведувањето на Трамп на преговарачка маса ќе бара од ЕУ да го прикаже целиот арсенал за трговска одбрана што го градеше од неговиот прв мандат. А да не зборуваме за Русија и опасноста за европската безбедност.

Две работи

Две работи можат да влијаат врз македонските надежи (ако ја исклучиме неможноста да се разговара со каква било влада во Софија) за нашиот напредок кон ЕУ. Едната е посредно поврзана со Скопје, втората не е, но може да има големи последици во распоредувањето на енергијата на Варшава кон прироритетите (ако проширувањето избие меѓу првите осум).

Она што може да влијае врз посветеноста на Варшава да бара излез за македонскиот ќор-сокак е нивото на братски, а дури и повеќе од тоа, односи меѓу македонските власти и Виктор Орбан. По падот од власта на националистичката партија Право и правда во Полска, односите меѓу Будимпешта и Варшава драматично се влошија, а со последните настани тие се длабоко замрзнати. Дури на офцијалната гала промоција на полското претседателство на почетокот од годинава во главниот театар во Варшава не беше поканет Виктор Орбан, ниту пак некој друг унгарски функционер. Има причини за тоа, а меѓу нив се провлекува и името на поранешниот премиер Никола Груевски. Не како повод, туку како пример.

Зошто дојде до вакво целосно замрзнување кое треба да го имаат на ум македонските власти.

Марчин Романовски, поранешен заменик-министер за правда за време на владеењето на Право и правда во Полска, наводно проневерил 25 милиони додека бил на функцијата. Доказите за криминалот се несоборливи: деталите им ги кажа на обвинителите неговиот најблизок соработник, Томаш Мраз. Парите биле земани од јавниот фонд наменет за жртвите на криминал.

Кога парламентарната комисија и обвинителството го повикаа Романовски на распит, тој се преправаше дека е хоспитализиран, пред да исчезне без трага. Набрзо стана јасно каде отишол. Откако полското обвинителство издаде европски налог за апсење и црвено известување од Интерпол за него, унгарскиот премиер Виктор Орбан објави дека неговата влада ќе понуди азил на сите политичари кои страдаат од прогон во Полска. А Романовски веќе неколку дена беше во Унгарија.

Романовски не е првиот функционер на ПиС кој побегна во Унгарија. Откако беше повикан од друга парламентарна комисија, Даниел Обајтек, поранешен шеф на „Орлен“, најголемата полска државна компанија, исто така побара заштита од Орбан. На изборите во јуни тој се кандидираше за место во Европскиот парламент од унгарска територија, а во Полска повторно стапна дури откако беше избран и доби пратенички имунитет (полскиот обвинител оттогаш поднесе барање за одземање на овој статус).

Заштитата на корумпираните политичари не е ништо ново за Орбан. Тој веќе му даде азил на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој побегна во Унгарија за да ја избегне затворската казна поради обвинение за корупција. И му дозволи на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро да се скрие во унгарската амбасада за време на истрагата по неуспешниот обид за државен удар по неговиот изборен пораз во 2022 година. Во Варшава дури се зборува дека пратеници и министри на ПиС со бегство во Унгарија може да формираат и „влада во егзил“ за време на премиерствувањето на Доналд Туск.

Во овој гнев против Орбан полските медиуми пишуваат дека заштитата на корумпираните политичари не е ништо ново за сегашната власт во Будимпешта. И наведуваат дека Орбан му даде азил Никола Груевски, почесниот претседател на партијата која денес владее во Македонија, кој побегна во Унгарија за да ја избегне затворската казна поради пресудата за корупција. И дека властите во Варшава имаат мало разбирање за популистичките политичари кои владеат дома или бегаат во Унгарија.

Ова е деликатна ситуација за македонската влада и треба да ја изнајде сета умешност да избегне да се врти во тријаголникот Варшава – Орбан, Груевски, Романовски – Скопје. Полска планира да поднесе жалба до Европската комисија да покрене постапка против Унгарија според член 259 од Договорот за функционирање на Европската унија, и да ѝ се наложи на Будимпешта дека не може веќе да биде рај за корумпираните политичари низ Европа. Со таква попустливост кон Унгарија, владеењето на правото ќе страда насекаде во ЕУ.

Втората работа која може да одвлече голем дел од енергијата на Доналд Туск и тамошната влада се претседателските избори во мај. Се чини дека главното внимание на Туск ќе биде насочено да се обезбеди пријателски политички наследник на актуелниот претседател Анджеј Дуда. Сегашниот претседател практично попречи голем дел од законодавната агенда на владата благодарение на неговото право на вето. Континуираната контрола на претседателската палата на ПиС ќе го блокира преостанатиот дел од мандатот на Туск што завршува во 2027 година.

Кандидат на владината коалиција е градоначалникот на Варшава Рафал Тржасковски, додека ПиС повторно постави кандидат за аутсајдер за да се соочи со силен фаворит – историчарот Карол Навроцки, кој заостанува во сите анкети зад Тржасковски.

Тоа е позната ситуација за ПиС. Во 2015 година, кандидатот на партијата Анджеј Дуда се издигна од виртуелен никој од клупите на Европскиот парламент за да го победи претседателот Бронислав Коморовски – искористувајќи ја фаталната комбинација на актуелниот претседател да води самозадоволна и несоодветна кампања. Шокантната победа на Дуда му помогна на ПиС да ги добие парламентарните избори подоцна истата година. Годинава влогот е исто толку голем.

Навроцки беше избран од водачот на ПиС, Јарослав Качињски, пред кој било од познатите партиски инсајдери, како што се поранешните премиери Матеуш Моравиецки или Беата Шидло. Тој го водеше полскиот Музеј на Втората светска војна, а исто така и Институтот за национално сеќавање, тело кое ги каталогизира воените злосторства против полската нација – сите клучни за националистичките гласачи.

Пред десет години, постоеше претпоставка дека Коморовски не може да загуби од никој. До моментот кога тој сфати дека изборите се борба, моментумот се префрли кај Дуда. Тржасковски и владината екипа се плашат да не се случи истата грешка. Сегашното убедливо водство во анкетите на градоначалникот на Варшава не е гранција и за победа. А неговиот пораз би бил најцнриот кошмар за Туск.

Македонските власти изгледа како да не се обложуваат многу на полското претседателство. Тие едвај чекаат Доналд Трамп да стапи на функцијата на 20 јануари и преку Атлантикот со силен притисок од Вашингтон да го водат приближувањето кон ЕУ според македонски услови. А кој знае каква политика ќе води Трамп откако ќе стапи на должност. Изгледа ни тој самиот знае, како и неговите идни најблиски соработници. На пример, идниот државен секретар Марко Рубио, човекот кој е познат јастреб за односите со Кина и Русија, речиси да нема кажано ниту збор за идниот правец на американската дипломатија. Ќе причекаме, светот не знае, а камо ли Македонија.

Љупчо Поповски

Back to top button
Close