Владата се сомнева дека штрајкот во администрацијата има политичка заднина
Владата изрази сомнеж дека зад денешниот штрајк на вработените во шест министерства и две институции стои политичка заднина која, како што оценуваат, дејствува како продолжена рака на партиите кои досега ги злоупотребувале правата на работниците. Оттаму велат оти изненадува фактот што Синдикатот на УПОЗ наместо дијалог, како прв чекор го преземал штрајкот.
„Подготвени сме да разговараме на секоја тема. Но, воедно, дозволете ми да истакнам дека секој штрајк треба да биде организиран согласно Законот за работни односи и колективните договори. Да биде најавен согласно Законот, да биде спроведена и постапката за помирување која воедно е задолжителна и да се определат нужни работи кои мора да се вршат. Бидејќи, за жал, ниту еден од овие постоечки законски услови не е исполнет, говори за незаконитост на штрајкот и отвора силен сомнеж дека овој штрајк е политички мотивиран. Интересно е што изминатите години синдикатот како да молчеше за ова прашање и со жалење мораме да истакнеме дека отворено се сомневаме дека зад ваквиот чекор стои политичка заднина на Синдикатот кој дејствува како продолжена рака на партиите кои досега за жал ги злоупотребуваа правата на работниците“изјави Митева на денешната прес-конференција.
Додаде дека Владата е подготвена за секаков вид предлози и сугестии и дека постојат многубројни механизми преку кои може да се отворат овие прашања, а како и преку Економско-социјалниот совет (ЕСС) формиран од Владата, каде што учествува и самиот Синдикат.
„Како Влада дадовме директна и сериозна динамика на работа на тој Совет, имаме еднаш месечно средби каде што сите засегнати страни можат да ги отворат сите прашања. Морам да потенцирам дека досега такво нешто не беше отворено на тие средби. Затоа велиме – не цениме дека е правилно да се преземе првиот чекор како штрајк затоа што мислиме дека покажавме изминатите шест месеци дека можеме, знаеме како да водиме дијалози и да ги реализираме барањата. Повикуваме на дијалог, а не на штрајк“,додаде владината портпаролка.
Нејзината изјава следува откако денеска почна протестот на вработените во шест министерства и две институции со барање да бидат потпишани колективни договори со што ќе добијат додаток на нивните плати од 30 проценти.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, во име на вработените кои протестираат рече дека нивниот апел до Владата е точка на дневен ред на денешната седница да биде и изнаоѓањето начин за обезбедување средства од буџетот на државата за решавање на овој, како што кажа, долгогодишен проблем на вработените во овие министерства и институции.
И со додатокот од 30 проценти повторно ќе бидат под просечната плата, вели Деаноски за протестот на вработените во министерства и институции