Бугарија и нуди договор на Северна Македонија за граничниот железнички тунел

Бугарската Влада и испрати на Република Северна Македонија нацрт-договор за подготовка, изградба и работа на прекуграничен железнички тунел што ги поврзува двете земји, соопшти бугарското Министерство за транспорт и врски (МТС).

Предлогот на бугарската држава е двете влади да преземат конкретни и јасни обврски за реализација на граничниот железнички тунел. Тоа е клучен елемент на изградбата на европскиот транспортен Коридор 8, кој го поврзува Црното Море со Јадранското Море и поминува низ териториите на Бугарија, Северна Македонија и Албанија.

– Со потпишувањето на договорот ќе се договорат техничките, финансиските, правните и организациските прашања поврзани со изградбата на тунелот. Тие мора да бидат во согласност со европското и националното законодавство на Бугарија и Северна Македонија, се наведува во соопштението.

Според предлогот, двете држави ќе се договорат која ќе одговара за изградба на прекуграничниот објект, за јавни набавки и за надзор на изградбата.

Планирано е управителите на железницата на Бугарија и Северна Македонија да формираат заеднички работни групи за подготовка на потребната документација за тендерските постапки.

Во рок од три месеци од стапувањето во сила на договорот, Бугарија и Северна Македонија мора да подготват и да испратат до Европската комисија и финансиските институции генерален распоред за реализација на изградбата.

– Двете земји ќе вложат максимални напори да обезбедат грант-помош за изградба на тунелот и неговата соседна железничка инфраструктура, почитувајќи ги барањата на ЕУ и НАТО во однос на стандардите на Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T), се наведува во нацрт-договорот.

Бугарската страна, стои во соопштението, е подготвена што поскоро да ги започне преговорите со Северна Македонија за предложените текстови, а потоа да продолжи со нивно потпишување.

На 30. минатиот месец Владата на Бугарија го одобри нацрт-договорот со Северна Македонија за изградба и работа на прекуграничниот железнички тунел „Деве Баир“ и како што објави тогаш бугарското Министерство за транспорт, ќе се формира мешовит комитет и ќе се разговара со македонската страна за текстот на договорот.

За третиот дел од пругата кон Бугарија македонската и  бугарската страна досега одржаа две средби, една во Брисел на 16 октомври кога се согласија  да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8 и една во Софија на 31 октомври по која македонската страна објави дека се прифатени нејзините аргументи: да има заеднички проект за да не се гради тунел кој не води никаде, Бугарија да го заврши својот дел од пругата и да се ревидира цената и на самиот проект.

Во повик за планираната трета средба во Скопје македонскиот министер за транспрт Александар Николоски рече дека бугарската страна треба да собере храброст да се затвори ова прашање.

– Нашите аргумети се јасни и тие стојат – мора да се направи ревизија на цената, бидејќи е невозможно 560 милиони евра да чини изградба на пруга сосе електрификација. Мора да има заедничко проектирање на потенцијалниот тунел што треба да ги спојува двете држави и да си го завршат нивниот дел од работата, односно да се спојат до граница, порача Николоски, во одговор на пратеничко прашање во Собранието на 29 ноември  лани.

Премиерот  Христијан Мицковски, денеска соопшти дека остануваат уште неколку дена до пуштањето во употреба на првиот дел од железничката пруга кон Бугарија, што треба да го поврзе Куманово со Белјаковце. Првиот дел од пругата кон Бугарија е во должина од 31 километар. На вториот дел, од Куманово до Крива Паланка, проектиран на 34 километри, изградени се 27,3 проценти, а рокот е 2026 година.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close