Во Германија денеска почнуваат разговори за формирање владејачка коалиција
Конзервативците од блокот ЦДУ/ЦСУ, кои освоија најмногу гласови на неделните парламентарни избори во Германија, денеска ќе започнат разговори со Социјалдемократите (СПД) за формирање можна коалиција, изјавија извори од двата табора.

На првиот денешен состанок се очекуваат по девет претставници од секоја страна.
Овие разговори се првиот чекор пред коалициските преговори, а тие би можеле да траат со месеци. Содржината на разговорите нема да биде соопштена, бидејќи постигнат е договор за доверливост.
„Светот не чека, работите и натаму брзо се менуваат“, рече Мерц во понеделникот, решен да „има конструктивни, добри и брзи разговори со социјалдемократите“.
Мерц спомена три точки како приоритети во разговорите: надворешната и безбедносната политика, „нерешеното прашање со миграцијата“ и економската ситуација.
Конзервативниот блок освои 28,6 отсто од гласовите на изборите, а Мерц веднаш изјави дека не сака коалиција со крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД), која се најде на второто место со 20,8 отсто од гласовите.
Социјалдемократите се трети со околу 16 отсто од гласовите, што е голем пораз за партијата на поранешниот канцелар Олаф Шолц.