По апелот на Оџалан, ПКК прогласи прекин на судирите со Турција

Курдска работничка партија (ПКК) денеска објави прекин на огнот со Турција по апелот на нејзиниот лидер Абдула Оџалан. Извршниот комитет на ПКК соопшти дека се согласува со повикот на Оџалан и оти ќе ја „почитува и спроведува“ одлуката за прекин на огнот.

ПКК побара и ослободување на Оџалан, кој 26 години отслужува доживотна казна на островот Имрали во близина на Истанбул.

Оџалан на 27 февруари ја повика ПКК да го положи оружјето, потег што може да стави крај на 40-годишниот конфликт со Анкара. Апелот на Оџалан беше упатен откако на делегација на турската Партија за еднаквост и демократија на народите (ДЕМ) и беше дозволена посета на лидерот на Курдската работничка партија.

Апелирам на положување на оружјето и преземам историска одговорност за овој повик, наведе Оџалан во писмото објавено од членовите на ДЕМ.

Во писмото Оџалан бара ПКК да одржи конгрес и формално да се согласи на самораспуштање.

Турција и нејзините западни сојузници ја сметаат ПКК за терористичка организација.

Повеќе од 40.000 луѓе се убиени откако ПКК ја почна својата борба во 1984 година со цел да се создаде етничка татковина за Курдите. ПКК сега бара поголема автономија во југоисточна Турција и поголеми права за Курдите. Мировниот процес меѓу Турција и ПКК пропадна пред десет години.

Back to top button
Close