Ристевски упорен: Пропустите се резултат на неспособноста на една градоначалничка и на одговорните луѓе во МОК!

„Денеска цел ден добивам пораки од граѓани со неточни, паушални, па дури и навредливи тврдења кон мене и кон институцијата што ја водам како министер. Не сакам да споменувам имиња на градоначалници и градоначалнички, имиња кои се веќе завршени приказни во политиката, а некои чекаат и извршување на затворски казни, во контекст на организацијата на Европскиот младински олимписки фестивал ЕМОФ Скопје 2025“ напиша на социјалните мрежи министерот за спорт – Борко Ристовски, во врска со обвинувањата од Град Скопје дека „Цела година МОК и Министерството за спорт ја организираат олимпијадата, Град Скопје беше целосно исклучен, дури не доби ниту ПОКАНА ЗА ОТВАРАЊЕТО, за Европската младинска олимпијада“.
Ристовски потенцира:
„Ќе потсетам дека на прес конференцијата на 6 април посочив дека ова е голем настан од кој спортот треба да има бенефит пред се поради големиот број на македонски учесници. Да потсетам дека од нас помош беше побарана во последните 90-100 дена. Сугерирав дека ние немаме капацитет и моќ, но добивав уверувања дека организаторот ќе се справи со предизвикот. Тоа што беше побарано од институцијата што јас ја водам како министер беше исполнето во целост!“.
„И пак ќе потсетам дека Министерството за спорт не е официјален организатор на ЕМОФ Скопје 2025! Ако некој треба да сноси одговорност за пропустите во организацијата тоа се оние што ја презедоа одговорноста и обврската да го организираат настанот. Пропустите се резултат на неспособноста на една градоначалничка и на одговорните луѓе во МОК!
Министерството за спорт ќе продолжи да работи со сите институции во рамките на своите надлежности, но нема да молчи пред невистини и обиди за дефокусирање од реалната слика.
Работата не се средува со преписки и со пишување статуси на Фејсбук, туку со соочување со реални факти и аргументи.
Кога некој е неуспешен во некоја работа, најлесно е да пишува по социјалните мрежи и да шири невистини.
СПОРТОТ ЌЕ ЖИВЕЕ!“ пишува Ристовски на ФБ.