ЕУФОР има клучна улога во зачувување на стабилноста и безбедноста во БиХ
Шефот на делегацијата на Европска Унија во Босна и Херцеговина, Луиџи Сорека денеска изјави дека ЕУФОР со поддршка од локалните власти има клучна улога во зачувувањето на безбедноста и стабилноста на земјата.
Безбедната и сигурна средина е клучна за посветеноста на БиХ за постигнување напредок на нејзиниот европски и НАТО пат, наведе Сорека во поздравниот говор пред резервните сили на ЕУФОР, кои пристигнаа во БиХ.
Од денеска во БиХ се присутни дополнителни сили од Чешка, Италија и Романија за зајакнување на мисијата ЕУФОР.
Вторпат во три години ЕУ одлучи да активира дел од резервните сили на ЕУФОР со цел да ја нагласи посветеноста на ЕУ за безбедноста и стабилноста на БиХ, посочи Сорека.
Тој додаде дека ЕУФОР претставува клучен придонес на ЕУ во поддршката на БиХ на нејзиниот европски пат.
ЕУ нема лесно да дозволи постигнатиот напредок во изминатите години да биде загрозен поради политичката криза што ја доведе во прашање политичката функционалност на БиХ во последните месеци, потенцира Сорека.