Г7 со поддршка за територијалниот интегритет на Украина и хуманитарна помош за Газа

– Министрите за надворешни работи на Г-7 ја потврдија поддршката за територијалниот интегритет на Украина и повикаа на обновување на хуманитарната помош за Газа.

Министрите за надворешни работи на земјите членки на Групата седум (Г-7) ја потврдија својата непоколеблива поддршка за територијалниот интегритет на Украина во завршната декларација од тридневната средба што се одржа во Ла Малбе, Квебек, Канада.

Тие ја предупредија Русија на дополнителни санкции доколку не поддржи прекин на огнот во Украина и повикаа на цврст безбедносен механизам за Киев за да се спречи каква било нова агресија.

Во завршниот документ, министрите на Г-7 исто така се заложија за непречено доставување на хуманитарна помош во Газа и постојан прекин на огнот во појасот. Израел на 2 март соопшти дека го блокира влезот на хуманитарна помош во Газа поради несогласувања со „Хамас“ околу втората фаза од спроведувањето на договорот за прекин на огнот.

Г-7 исто така повика на итно ослободување на сите заложници во Газа, пренесе ДПА. Меѓутоа, под притисок на САД, во документот не се споменува решението со две држави за израелско-палестинскиот конфликт. Наместо тоа, министрите нагласија дека е потребно решение преку преговори кое ќе ги исполни легитимните потреби и аспирации на двата народа.

Дополнително, министрите изразија сериозна загриженост за зголемените тензии на Западниот Брег.

Во рамките на средбата на Г7 во Ла Малбе беа одржани и повеќе билатерални состаноци, пренесе АНСА. Еден од нив беше меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани. Рубио ја истакнал важноста на силното и долгорочно партнерство меѓу двете земји. Двајцата дипломати дискутирале и за потребата од правична распределба на одбранбениот товар меѓу сојузниците во НАТО, како и за итноста на завршувањето на војната во Украина, соопшти портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус.

Исто така, тие го потврдиле заедничкиот ангажман за справување со глобалните предизвици, вклучително и балансирани трговски односи, спротивставување на авторитаризмот во Венецуела и стабилизирање на ситуацијата на Блискиот Исток.

Back to top button
Close