Главниот протест во Белград сепак ќе се одржи пред српскиот парламент – на „Славија“ ќе биде поставена бина
Иако дел од студентите во блокада најавија промена на локацијата на одржување на протестот во 16 часот поради безбедносни причини, па наместо пред српскиот парламент, тој да се одржи на плоштадот „Славија“ во центарот на Белград, сепак протестот ќе се случи на првично предвидената локација, односно на платото пред законодавниот дом.
Промената на локацијата на протестот денеска ја најавија студентите во блокада од Електротехничкиот и Архитектонскиот факултет на Универзитетот во Белград на социјалните мрежи.
Сепак, бина ќе биде поставена и кај „Славија“.
Студенти и граѓани од вчеравечер пристигнуваат во Белград од другите градови со велосипеди, пешки или со јавен превоз, а беа пречекани на „Теразије“.
Според проценките на дел од српските медиуми, синоќа во Белград пристигнале околу 30 илјади луѓе.
Српското Министерство за внатрешни работи соопшти дека при пречекот се уапсени две лица поради нарушување на јавниот ред и мир, а оштетени се и голем број трактори кај паркот „Пионер“.
Студентите денеска ќе пристигнат на местото на протестот од четири правци – од Автокоманда, од плоштадот „Република“, од булеварот „Крал Александар“ и од Нов Белград.
Јавниот превоз во Белград е во прекин од 9 часот утрово од безбедносни причини.
Денешниот протест се смета за кулминација на три и пол месечните демонстрации поради загинувањето на 15 лица при уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад