Семафор: Трамп размислува да го признае Крим како дел од Русија

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп размислува да го признае Крим, кој Русија го анектираше од Украина во 2014 година, како руска територија во евентуалниот иден мировен договор за ставање крај на војната во Украина, објави веб-страницата Семафор.

Цитирајќи две лица запознаени со ова прашање, Семафор јавува дека американските официјални лица исто така разговарале за можноста Вашингтон да ги повика Обединетите нации да го сторат истото.

Светски агенции нагласуваат дека извештајот не може да се потврди од независни извори.

Семафор информира дека Белата куќа одбила да ги коментира информациите.

Според Семафор, Трамп официјално не донел никакви одлуки и можните потези за Крим се меѓу различните опции што се споменуваат.

Трамп денеска треба да разговара со Владимир Путин за да се обиде да го убеди рускиот претседател да прифати прекин на огнот во војната на неговата земја со Украина и да се придвижи кон крај на тригодишниот конфликт.

Крим е меѓународно признат од повеќето земји како дел од Украина, а Киев изјави дека сака да го врати полуостровот на Црното Море.

Кремљ постојано истакнува дека Крим, дом на руската Црноморска флота и чии жители главно зборуваа руски пред анексијата, веќе формално е дел од Русија, прашање за кое вели дека е „засекогаш“ затворено.

Back to top button
Close