Доаѓа многу опасна бура?!
Параг Кxана, врвен експерт по светска економија и геополитика, автор на бројни бестселери меѓу кои и книгата „The Future is Asia” (Иднината е aзиска), вели дека сме сведоци на многу големи тектонски промени на светско глобално ниво. Првин, светот го погодија две нови „светски војни“ – Ковид и Украина. А потоа и Блискиот Исток.
Интересно што после секоја голема пандемија во светот се имаат случено големи катастрофи. Познато е дека по “Црната Чума“ во 14 век која уби скоро половината од становништво на Азија и Европа. Поради тоа тогаш пропадна најсилната империја низ целата човечка историја – Империјата на Монголите со над 33.000.000 км2 територија. Потоа познато е дека после „Шпанскиот грип“ се случи „големата економска депресија“ (1929-1933), која во Европа создаде енормна сиромаштија, состојба која го донесе Хитлер на власт. Цената – 50 милиони загунени животи и општ пекол низ целиот свет. Потоа, поразот на тогашната суперсила СССР во Авганистан во 1988 година е поврзан со епидемијата „Мала Божица“ која во тие години косеше по таа сиромашна држава. Тоа руско повлекување доведе до падот на комунизмот во СССР, а потоа и во цела Источна Европа. А последната светска пандемија со коронавирусот доведе до опасна густа црна магла, поради која светот сè уште живее во голема темнина. И по три години, светската економија се движи како заталкан патник по голема пустина, кој само низ фатаморгана гледа убава оаза, полна со вода!
Каналите за снабдување на глобалните пазари сега се многу посложени отколку што се мислел, а тоа ја погодува целата светска економија. Високите светски цени на енергијата и храната продолжуваат да предизвикуваат висока инфлација и големи политички потреси низ државите, дури и кај таткото на демократијата – САД. Глобалните економски чинители селективно продолжуваат да ги поткопуваат регионалните економии и глобалната економија како целина. Директорот на едната од најголемите светски компании „BlackRock“ – Лaри Финк, кој управува со над 10 трилиони долари, смета дека сега „имаме сериозен прекин кај економските компоненти што го поврзуваат светот“. Четири години по ред, глобалниот економски раст е под три проценти, што е сериозен знак дека светот ќе стагнира подолг период.
Цените на енергијата сè уште се високи бидејќи Русија е исклучена од значителен дел од светскиот пазар на нафта, a тоа влијае врз светската цена на овај енергенс. Бројни светски познавачи се на мнение дека „ерата на соработката со Русија на подолг период ќе биде парализиран“, и дека лесно-ветеното „24 часовно“ решение за руско-украинската војна многу тешко оди. Напротив, и по неколкуте рунди мировни средби, Русија продолжува со жестоки напади против Украина, што мирот го претворува во пустинска фотоморгана. Деновиве бомбардирањата продолжуваат дури долж границата со Полска, како своевидна голема „благодарност“ на американското посредување во Џеда (Саудиска Арабија)! Одделни европски земји се уште се на мнение дека потребен е нов пристап кон безбедноста на Европа, засновано „на сила, одбрана и одвраќање“, но тоа без САД е невозможно.
Цената на нафтата продолжува да биде висока, дополнителното поради повторно усложување на состојбата во Газа, и поради кое јеменските Хути кои дополнително се активизираат со напади врз западни танкери во Црвеното море. Ситуацијата со светскиот мир се очекува дополнително да се усложни ако биде нападнет Иран, кој е верен сојузник на Русија и голем снабдувач на Индија и Кина со нафта.
Без дилема дека лошата економска состојба во државите видно фаворизира авторитарни политички опции, кои се природно толерантни кон режимот на Путин, дури во него гледаат свој природен сојузник. Фрапантно е дека во последните сондажи во Германија, екстремната десничарска партија АfD води дури пред Демохристијаните кои ги добија изборите пред само еден месец! За жал, во ситуација на економска криза, мал број луѓе знаат дека патот кон пеколот може да биде многу убав, ама сепак завршува во црниот пекол.
Сега веќе и „пријателството“ меѓу Кина и Русија е под голем сомнеж. Познато е дека ако Русија значително ослабне, можно е да се зголемат апетитите на Кина кон голем дел од ненаселениот Сибир како „ветена земја“ за пренаселената Кина. Сега и еден неформален блок земји – Индија, Саудиска Арабија, Емирати, Виетнам, Турција и Бразил – влегуваат во некаква калкулантска игра. Мултинационалните структури на светот, особено Светската трговска организација и Светската здравствена организација, видно се ослабнети, да не кажеме парализирани. Иако ММФ привремено ја поврати својата важност, постојните макроекономски параметри може да го убијат и тој мал оптимизам, а Светска банка повеќе нема доволно ресурси. Сега постојат два можни патишта: создавање на нов светски поредок со различни функционални механизми, што е многу тешко да се создаде во постојните мултиполарни услови, а ако тоа не се случи, тогаш сме многу блиску до опасна глобална апокалипса.
Балканот во ќорсокак?!
Со промените во САД, НАТО очигледно многу загуби oд својот авторитет, особено по многуте изјави дека нема да бидат заштитени земји членки кои не го платиле процентот според нивниот БДП. Американскиот изолационизам е убава храна за овдешните балкански популисти кои во коалиија со организираниот криминал сериозно размислуваат за да го дестабилизараат регионот. Додик веќе никого не прашува, дури смогна сила да ја истерува од Република Српска и германската министерка за европски прашања Ана Лирман! Од друга страна Вучиќ се прави дека „не е од тука“, оти и самиот се надева во вакво регионално заоштрување, со цел да се спаси себеси од студентскиот бунт. Така што сега практично Балканот наликува на село без кучиња, што е рај за големи владини арамии, кои во катастрофата на државата гледаат свој бизнис и спас.
Одделни балкански држави почнаа веќе регионално да се поврзуваат меѓу себе, што води кон тоа да се создадат регионални мини-воени блокови за самозаштита. Тука Македонија е изгубена во времето и просторот. Таа премногу е зближена со Унгарија и Србија, што дијаметрално се коси со нејзиниот опстанок. Додик веќе најави дека Република Српска ќе ја приклучи кон сојузот меѓу Србија и Унгарија, кој сојуз без дилема дека завршува во Москва. Додик веќе има најавено дека босанскиот ентитет Република Српска ќе побара приклучување кон воениот договор со Србија и Унгарија. A cпоред Уставот на БиХ и Дејтонскиот договор, ентитети немаат надлежност да водат надворешна и воена политика.
При ваква компликација, македонскиот претседател(ка) и премиер треба да и се обратат на нацијата, додека сеуште нацијата се нема обратено до кај нив! Судбината на Македонија е крајна неизвесна, особено поради блискоста со Орбан кој веќе дефинира своја опасна агенда. Познато е дека мирот никогаш не умира по природен пат, туку поради неприродни умови кои наложуваат да се скокне во празен базен. Или пак во длабока река ама под услов скокачите доцна ќе се присетат дека не знаат да пливат! Во услови кога светот гори, овде сеуште се игра на „бугарскиот диктат“! Познато е дека во ептен турбулентно време, американците ја создадоа Република Македонија, и цело време ја штителе. Ама сега работите се сменија. Нема кој да ја штити освен некоја голема среќа. А таа не доаѓа сама по себе!
Македонија во девeдесеттети години беше втора по развој во источна Европа (после Словенија). Многу понапред од Полска и Чешка, а за Бугариј и Романија бевме Америка. Со мала интервенција во името (за надворешна употреба) ќе станавме до Словенија. Но, едни луѓе само кога изворот ќе пресуши, ќе ја раберат вредноста на водата. Сега Македонија е најслаба држава во Европа и гордо продолжува да се движи кон дното. Не се знае кај ќе стаса, ама важно „да ја сочува гордаста“, која во нормалниот свет се нарекува самоубивство. Таквата „гордост“ е рамно на скокање во празен базен! Никако да се запрашаме – што ни се случи овие 35 години што од регионални „Американци“ се претворивме во глобални „Авганистанци“?! За лични и себични цели беа изманипулирани чувствата на граѓаните, а резултаттите од тоа се интеграциските блокади и целосната стагнација. Луѓето тешко можеле да разберат дека до успехот не се стигнува со лифт, туку со многу долги скали! Останавме токму таму кај што најголемите противници на оваа држава посакувале. Воопшто нема да не зачуди ако токму тие „противници“ да им подогнат големи споменици на „големите патриоти“! Веројатно за големата услуга!
Мерсел Биљали