„Jас немам проблем од морални причини да поднесам оставка, а за другите ќе ги прашате нив“ – Мицковски прашан ке има ли оставки за трагедијата во Кочани

Премиерот Христијан Мицкоски беше прашан дали јавноста може да очекува обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“ да бидат и актуелни функционери и високо позиционирани лица во МВР, но и дали може да се очекува оставка од морални причини.

„Истрагата ја води Јавното обвинителство, не ја води Владата, можеби тоа прашање ќе треба да го упатите до Обвинителство. Ако цените дека јас треба да поднесам оставка од морални причини, немам проблем тоа да го сторам. Ако е за другите, до нив ќе треба да ги упатите прашањата“, рече Мицкоски.

Додека за случајот за Кочани ги пренасочува прашањата, за претходните три трагедии пак, „Дурмо турс“, „Беса транс“ и Модуларната болница тој е дециден дека постои политичка волја да се даде поддршка да се расчистат овие три случаи.

-Кога веќе зборуваме за објективна истрага и одговорност, тогаш ќе треба сите оние случаи коишто во минатото беа набрзина завршени или заташкани, да ги разгледаме од повторно. Да ги разгледаме да видиме како е стигнато до таа правда. Досега барем во дел од случаевите се произнел само Основниот суд, завршени се во прв степен, во втор степен не се завршени така што ако вистински сакаме ресет тогаш ќе треба тој вистински ресет да го направиме на сите нивоа и да ја видиме одговорноста и во тие случаи. И во случајот Ласкарци и во „Беса транс“, Модуларна. Да видиме како е и дали е постапувано. Како е направен тендерот зошто е така направен итн. Затоа што тие случаи кога се случија имаше нула приведени, а случајот во Кочани има 34 приведени и голем број поранешни сегашни официјални лица се повикани од страна на обвинителството преку МВР на информативен разговор – рече Мицкоски.

Во трагедијата во Кочани загинаа 59 млади луѓе, а минатата уште едно лице им подлегна на повредите, а осомничени се 34 лица и три правни лица.

Back to top button
Close