Токсична прашина во Битола, Обвинителството отвори предмет, инспекторатот констатирал недостатоци кај РЕК


Поради сомневање дека во Битола се шири токсична прашина од РЕК Битола, тамошното Обвинителство оформи предмет за да се утврди одговорност. Инспекторатот за животна средина направил вонредна контрола и утврдил повеќе недостатоци. Според неофицијални информации, токсичната прашина се добива при производството на струја, која треба да се одлага во касети и да се затрупува со земја. Но, посебно при ветровито време, таа се разнесува низ воздухот, а оваа појава е видлива и од Битола.

„ОЈО Битола издаде наредба до СВР Битола за увид на лице место и утврдување факти за евентуално постоење на кривично дело кое се гони по службена должност. Државниот инспекторат за заштита на животната средина изврши вонреден инспекциски надзор, при што веќе беа утврдени определени недостатоци во однос на мерките за спречување и намалување на емисијата на прашина на одлагалиштето за пепел“, соопштија од ОЈО Битола.

На прашањето на Телма пред еден месец на што се должи големиот облак прашина, од РЕК Битола одговорија дека се почитувале сите протоколи при одлагањето на пепелта. Сега, пак, потврдуваат дека при увидот Инспекторатот утврдил неправилности.

Back to top button
Close