Стевчо Јакимовски осуден на три години и шест месеци затвор

Основниот кривичен суд Скопје, денеска ја објави пресудата за предметот против Стевчо Јакимовски, кого го прогласи за виновен заедно со уште едно обвинето лице кое е поранешен вработен во Општина Карпош, пренесе Скопје1.

„Двајцата обвинети ги огласи за виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар и ги осуди на начин што: С.Ј. се осудува на единствена казна затвор во траење од 3 години 6 месеци, додека Т.Ѓ. му изрече алтернативна мерка – Условна осуда во траење од 2 години затвор која нема да се изврши доколку во следните 5 години не стори ново кривично дело“, велат од Кривичен суд.

Градоначалникот е осуден за две дела. Првото дело е бесправно градење за изградба на деловен објект – административен објект на локалната самоуправа. Казната за ова дело е во времетраење од една година. Второто дело Злоупотреба на службената положба и овластување. И за ова дело Јакимовски заработи казна затвор од три години.

-Со оглед дека на обвинетиот С.Ј му се суди истовремено за две кривични дела, судот откако претходно ги утврди казните за секое дело одделно, па за двете дела му изрече единствена казна во траење од 3 години и 6 месеци. Во изречената казна затвор на обвинетиот му се засметува и времето поминато во куќен притвор, велат од Кривичниот суд.

При денешната објава на пресудата судијата ја изрази својата загрижност што оваа постапка трае повеќе од 6 години, како и дека за истото нема разумно оправдување.

Повеќе

Back to top button
Close