Гаши: Ако закажев комеморативна седница за трагедијата во Кочани, ќе се отвореше прашањето зошто немаше комеморативна и за жртвите во модуларната болница

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешниот новинарски брифинг одговори на критиките и забелешките дека по трагичниот пожар во Кочани, каде што загинаа 62 лица, Собранието не одржало комеморативна седница и пратениците не беа активни. Гаши објасни дека одлуката за ова прашање била донесена колективно, по состанок со координаторите на пратеничките групи.

„Сакам да истакнам дека на ова прашање дали да има комеморативна седница или не, му пријдовме со големо внимание. На состанок со координаторите на пратеничките групи јас го поставив прашањето и по дискусијата заклучивме дека ако закажам комеморативна седница за трагедијата во Кочани, ќе се отвори прашање зошто немаше комеморативна и за жртвите во пожарот во модуларната болница во Тетово, за жртвите во несреќата во Бугарија и други”, одговори Гаши на денешниот новинарски брифинг пишува СДК.МК.

Тој негираше дека пратениците земале двонеделен одмор по пожарот, нагласувајќи дека тие продолжиле со својата работа. Кога беше прашан дали пратениците прават донации, Гаши одговори дека секој пратеник индивидуално донел одлука да донира за настраданите и повредените, но дека овие донации не треба да бидат објавувани.

Во случајот на автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, која се случи на 23 ноември 2021 година, загинаа 45 лица, а седум патници преживеале. На 8 септември 2021 година, пожарот во модуларната болница за ковид-19 пациенти во Тетово однесе 14 животи, вклучувајќи 12 пациенти и двајца роднини на пациенти

Back to top button
Close