Лавров: Мировниот договор за Украина сè уште треба да се „дотерува“
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека делови од можниот договор со САД за завршување на војната во Украина сè уште треба да се „дотеруваат“, иако верува дека процесот се движи во вистинската насока.
„Сè уште има некои специфични точки – елементи – од овој договор кои треба да се дотеруваат и ние сме зафатени со токму овој процес“, изјави синоќа Лавров за американската телевизија С-Би-Ес, пренесе ДПА.
-Постојат неколку знаци дека се движиме во вистинската насока, рече Лавров, додавајќи дека Русија е „подготвена да постигне договор“.
Забелешките доаѓаат по комбинираниот руски ракетен и беспилотен напад врз Киев во кој загинаа најмалку 12 лица, а десетици се повредени, според податоците на украинските власти. Нападот предизвика ретки директни критики од американскиот претседател Доналд Трамп, кој го повика рускиот претседател Владимир Путин да го запре насилството.
„Владимир, ЗАПРИ!“ напиша Трамп на својата платформа Truth Social, еден ден откако остро го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски за неговото одбивање да ја прифати руската окупација на Крим и го обвини за продолжување на војната.
„Не сум задоволен од руските напади врз Киев. Не се неопходни и се во многу лош тајминг“, напиша американскиот претседател, повикувајќи на склучување мировен договор.
САД постојано се закануваат дека ќе се повлечат од преговорите доколку наскоро не се постигне договор.
Украина повеќе од три години се брани од целосна руска инвазија, питсетува ДПА.