Франциск е првиот папа кој ќе биде погребан надвор од Ватикан по повеќе од еден век
Погребното место во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим беше една од желбите на папата оставени во неговиот последен тестамент. Со ова, Франциск ќе стане првиот папа кој ќе биде погребан надвор од Ватикан по повеќе од 100 години
Папата Франциск, досегашниот поглавар на Римокатоличката црква, ќе биде погребан денеска.

Погребната церемонија ќе започне во 10 часот на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“ во Ватикан, а по погребната миса ковчегот со посмртните останки на папата ќе биде однесен во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим, каде што ќе се одржи самиот погреб. Со ова, Франциск ќе стане првиот папа кој ќе биде погребан надвор од Ватикан по повеќе од 100 години.
Погребното место во базиликата „Санта Марија Маџоре“ беше една од желбите на папата оставени во неговиот последен тестамент. Во тестаментот папата бара неговата гробница да биде во земја, да е едноставна, без посебна декорација и со натпис – „Franciscus“.
Објавен тестаментот на папата Франциск
Франциск ќе биде погребан шест дена по неговата смрт. Тој почина во понеделникот на 88-годишна возраст како последица на мозочен удар и срцева слабост.
Телото на папата беше изложено во базиликата „Свети Петар“ од средата до вчеравечер, а во текот на овие три дена последна почит му оддадоа повеќе од 250 илјади луѓе.
На погребот на папата се најавува присуство на околу 200 илјади луѓе вклучувајќи 164 делегации, 54 шефа на држави и 10 владејачки монарси. На погребната миса пред базиликата „Свети Петар“ ќе присуствува и македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова