ЕУ: Изборите во Албанија беа генерално инклузивни и транспарентни
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, и комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, изјавија дека неделните парламентарни избори во Албанија „беа генерално инклузивни и транспарентни“, но исто така посочија дека се одржале во „високо поларизирана средина во која кандидатите не уживале еднакви услови“, jaвија албанските медиуми пренесувајќи соопштение на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
Во заедничка изјава, претставниците на ЕУ им честитаа на надлежните власти во Албанија за обезбедувањето „непречено спроведување на изборите во земјата“.
Тие изјавија дека според прелиминарните наоди и заклучоци на Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР, изборите „генерално беа спроведени на инклузивен и транспарентен начин, а денот на изборите во недела беше мирен и добро организиран, и покрај некои недостатоци“.
Исто така, се посочува дека „генерално, општите избори беа конкурентни и професионално спроведени, а кандидатите генерално можеа слободно да водат кампања, иако некои пријавија заплашување“, но се додава дека изборите се одржаа во „високо поларизирана средина во која кандидатите не уживаа еднакви услови“.
„Поради широката употреба на административни ресурси и институционално влијание, можеби владејачкото мнозинство имало предност да остане на власт“, се вели во соопштението.
Од пребројаните гласачки ливчиња од околу 90 отсто од гласачките кутии владејачките социјалисти на Еди Рама освоија 82 додека изборната коалиција ” Алијанса за величествена Албанија” предводена од Демократската партија на Сали Бериша 52 пратенички места. вт/