СДСМ: По падот на Вучиќ, „Алта банка“ интензивно префрла пари во Македонија – Обвинителството да отвори истрага
Како што рече таа, српскиот медиум „Нова.рс“ пренесува информации од познатиот адвокат Иван Ниниќ дека интензивно се префрлаат големи пари на сметки на правни лица лоцирани во Москва и во Скопје

Од 26 октомври, по изборите и паѓањето на шефот на Христијан Мицкоски, Александар Вучиќ, почнато е забрзано и интензивно префрлање пари од „Алта банка“ во Македонија и во Русија. Овие обвинувања денеска ги изнесе портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданска Кузеска, велејќи дека последните информации се од медиумите во Србија.
„Се потврдува сè што го говоревме. Последните информации од медиумите во Србија говорат дека ’Алта банка’, која се смета за сопствеништво на Вучиќ и сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, СНС, започнала забрзано и интензивно да префрла големи пари во Македонија и во Русија“рече Кузеска.
Како што рече таа, српскиот медиум „Нова.рс“ пренесува информации од познатиот адвокат Иван Ниниќ дека интензивно се префрлаат големи пари на сметки на правни лица лоцирани во Москва и во Скопје. Кузеска додаде дека Ниниќ е член на независната граѓанска Анкетна комисија, која беше формирана од универзитетски професори и стручни лица од различни области за истражување на одговорноста за падот на натстрешницата во Нови Сад.
„Дали ова значи дека црните пари, криминалните пари, на соборениот режим на Вучиќ и СНС, сестринската партија на ВМРО во Србија, се префрлаат во Македонија?“,прашаа таа.
Кузеска го повика Јавното обвинителство веднаш да постапи, да отвори истрага, да се утврди потеклото на парите и да се спречат сите можни злоупотреби во Македонија.
„Затоа Мицкоски и Трајко Славески дозволија ’Алта банка’ да влезе во Македонија. Банкарот на Вучиќ стана банкар и на Мицкоски во Македонија“, кажа таа додавајќи оти банката е под истрага за сомнително потекло на капитал.
Портпаролката на СДСМ го повика гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, да излезе пред македонските граѓани и да одговори што ќе преземе, а јавниот обвинител „да не чека повик по телефон, туку да постапи веднаш“.






