Биљали за „Слободен печат“: Пропаѓа тројството Орбан-Вучиќ-Мицкоски, македонската политика ќе мора да сврти нов лист
Победата на студентите во Србија може да донесе позитивни промени во регионалните односи и да отвори простор за напуштање на национал-радикалната политичка реторика, оценува политичкиот аналитичар Мерсел Биљали во изјава за „Слободен печат“.

Според него, новата политичка динамика во Србија може да придонесе за релаксација на односите меѓу државите во регионот, но и да влијае врз пошироките политички процеси во Европа.
Биљали смета дека промените ќе се одразат и врз досегашните политички сојузништва на Балканот, поради што и македонските политички актери ќе мора да го преиспитаат својот пристап.
– Тројството Орбан-Вучиќ-Мицкоски сега практично не постои, почна да пропаѓа со паѓањето на Орбан и сега е веќе мртво. Не може да прогнозираме што ќе се случи во односите меѓу двете земји, но сега ќе имаме еден политички вакуум за македонската политика врзано со ВМРО-ДПМНЕ. Како ќе се снајдат нашите политичари – ќе треба да свртат нов лист и да го прават тоа што треба, ако барем имаат малку ум – дециден е Биљали.
Според аналитичарот, променетите политички околности отвораат нови предизвици за Скопје, а начинот на кој македонските политички партии ќе се приспособат на новата регионална реалност ќе биде важен за идните односи со Белград и поширокото соседство.






