ВИДЕО: Страшна несреќа во Шпанија: се судрија два брзи воза, има многу загинати и повредени
Најмалку 10 луѓе загинаа во судир на два брзи воза во Шпанија што се случи утрово на железницата која го поврзува Мадрид со Андалузија. Властите стравуваат дека бројот на жртви би можел да биде уште поголем. Поради сериозната несреќа сообраќајот на брзата железница е прекинат, пренесe Ројтерс.

Според информациите, во едниот воз имало 146, а во другиот 397 патници.
Информацијата за несреќата ја потврди шпанскиот железнички оператор Адиф.
„Сообраќајот на брзата железничка линија Мадрид-Андалузија е прекинат по судирот на два воза“, соопштија Шпанските железници на социјалната мрежа X.
Шпанскиот весник „Ел Паис“ ги пренесува изјавите на очевидци кои наведуваат дека има голем број повредени лица, додека екипи за итни случаи се испратени на местото на несреќата. Според весникот, два вагона излетале од шините и се стркалале по насипот.
Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека е „шокиран од тешката железничка несреќа во Толедо“.
„Во постојан контакт сум со министерот за транспорт и со претседателот на Кастиља-Ла Манча“, напиша Санчез на платформата X, додавајќи дека службите за итни случаи работат на терен „за да им помогнат на настраданите и да ја осигураат нивната безбедност, во координација со сите надлежни институции“.
„Упатувам сочувство, солидарност и поддршка до сите жртви и нивните семејства.“ рече шпанскиот премиер.
Санчез и други шпански политичари ги откажаа сите јавни активности за денес, вклучително и кампањата за парламентарните избори што ќе се одржат следниот месец.
Несреќата се случила малку по девет часот наутро по локално време, на делницата помеѓу Лос Јебенес и Урда, во покраината Толедо.
Засега, околностите што доведоа до судирот не се познати.
Се работи за истата железничка линија каде што во јануари оваа година се случи несреќа во близина на Адамуз во покраината Кордоба, кога два брзи воза излетаа од шините и се судрија, при што загинаа 39 лица






