Неофицијално: Искра Хаџи Василева победи на изборите за шеф на Обвинителството за организиран криминал


Обвинителката Искра Хаџи Василева е победничка на денешните избори за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, неофицијално дознава Пресс24.

Таа освоила 67 гласа, пред Трајче Пеливанов и Јован Цветановски.

На денешните избори право на глас имаа вкупно 187 јавни обвинители од целата држава, кои преку непосредно и тајно гласање избираа меѓу петмина кандидати.

Покрај Хаџи Василева, во трката учествуваа и Фатон Азизи од Обвинителството за организиран криминал, Трајче Пеливанов и Јован Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје, како и Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје.

Гласањето се одвиваше од 8 до 16 часот, а резултатите треба да бидат сумирани и официјално соопштени на јавна седница. Изборот се спроведува поради истекувањето на мандатот на досегашниот раководител Ислам Абази, кој беше избран во 2022 година и не се кандидираше за нов мандат.

Петмината кандидати на 13 октомври ги претставија своите програми пред Советот на јавните обвинители, а меѓу главните приоритети беа зајакнувањето на финансиските истраги, борбата против корупцијата и поголемата независност на Обвинителството.

Back to top button
Close