Му дозволиле да помине на црвено, возел со над 200 км/ч – 68 загинати во Шпанија

Најмалку 68 лица загинаа, а околу 80 се повредени во тешка железничка несреќа во Шпанија, откако брз воз удрил во друг воз кој бил запрен на пругата. Новите информации откриваат дека на машиновозачот му било дозволено да помине на црвен сигнал и да го продолжи патувањето, иако безбедносниот систем бил во дефект. Пред судирот возот достигнал брзина поголема од 200 километри на час.
Несреќата се случила утрово, околу 8:53 часот, во близина на местото Урда, во покраината Толедо, на брзата железничка линија меѓу Мадрид и Севилја. Воз на државниот превозник „Ренфе“ удрил одзади во воз на приватниот оператор „Ирио“, кој од засега непознати причини останал запрен на пругата.
Во двата воза имало вкупно 544 лица. Според последните информации што ги соопштил претседателот на регионалната влада, Емилијано Гарсија-Паж, бројот на загинати достигнал најмалку 68.
Шпанскиот весник „Ел Еспањол“ објави нови детали за движењето на возот непосредно пред трагедијата, кои отвораат сериозни прашања за постапувањето на железничкиот контролен центар.
Според шпанското Министерство за транспорт, во 8:32 часот дошло до дефект на системот ЛЗБ, кој автоматски ја надгледува брзината и го одржува безбедното растојание меѓу возовите. Поради дефектот биле запрени шест возови на делница долга околу 90 километри.
Анализата на податоците за движењето, направена од „Ел Еспањол“ врз основа на информации архивирани од платформата „SpainTrainRadar“, покажува дека возот по единаесетминутното запирање повторно почнал да забрзува.
LANDOV Барбов: Не сум студирал во Бугарија; немам контакти со бугарски политичари
Во 8:46 часот неговата пресметана просечна брзина изнесувала 145 километри на час, една минута подоцна достигнала 214 километри на час, а во 8:51 часот дури 236 километри на час.
Непосредно пред судирот, во 8:52 часот, била регистрирана просечна брзина од 181 километар на час. Во последниот интервал, кој го опфаќа и моментот на ударот, пресметаната просечна брзина изнесувала 137 километри на час.
Сепак, весникот нагласува дека ова не е точната брзина при судирот, бидејќи пресметката го опфаќа и периодот на запирање по ударот. Според Министерството за транспорт, возот во моментот на несреќата се движел со приближно 200 километри на час, но конечната брзина допрва треба да се утврди.
Ова е втора голема железничка трагедија во Шпанија годинава. Во јануари, кај Адамуз во покраината Кордоба, загинаа 46 лица откако воз на „Ирио“ излета од шините, а во неговите вагони удри воз на „Ренфе“. Засега нема докази дека двата настана се поврзани.
По денешната несреќа е прекинат сообраќајот на брзите возови меѓу Мадрид и Андалузија. Шпанските власти ги истражуваат техничкиот дефект, комуникацијата меѓу машиновозачите и контролниот центар, како и одговорноста за дозволата што му овозможила на возот да продолжи и покрај црвениот сигнал.






