Мицкоски: Очекувам добри односи со Србија и по победата на Студентската листа, особено во економијата
Премиерот Христијан Мицкоски вели оти очекува добрите односи меѓу Македонија и Србија да продолжат и по победата на Студентската листа на вонредните парламентарни избори во земјата, што означи крај на 14-годишното владеење на Александар Вучиќ и неговата Српска напредна партија – СНС.

Премиерот Христијан Мицкоски дава изјави за медиумите по промоцијата на мобилната апликација „м.Услуги“ / Фото: Принтскрин
Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за изборните резултати во Србија по промоцијата на мобилната апликација „м.Услуги“, рече дека веќе разговарал со носителот на Студентската листа, Илија Срдановиќ, кому му ја честитал победата, оценувајќи оти очекува како добри соседи двете земји да продолжат да соработуваат, особено во областа на економијата.
„Очекувам како добри соседи да работиме на подобрување на економијата, и во едната и во другата земја. Веќе се слушнав со носителот на листата, г. Срдановиќ, каде што ја честитав изборната победа. Како добри соседи, се разбира, помеѓу првите ја истакнавме честитката“,изјави премиерот.
Тој беше прашан и за коментар на обвинувањата кои доаѓаат од опозицискиот систем, а се во контекст на изборната победа на Студентската листа на предвремените парламентарни избори во Србија и заминувањето на доскорешниот претседател на земјата Александар Вучиќ и неговата СНС во опозиција.
Мицкоски вели оти е навикнат на, како што ги нарече, лагите и конструкциите што доѓаат од говорницата на опозициската партија, но посочува оти нема да се спушти на нивното ниво и на ист начин, со истиот речник да одговори на нивните навреди.
Следува период на валкана кампања на СДСМ, но од мене им е простено
Премиерот им се извини на граѓаните поради тоа што, според него, во следниот период ќе бидат изложени на кампања што ќе изобилува со навреди кон неговата личност од страна на опозицијата. Во тој контекст, Мицкоски рече – од него ѝ е простено на опозициската СДСМ, а останатото, како што кажа, останува на нив.
„Се разбира дека тоа нема да се случи. Нашата цел и приоритет се проекти како овој (мобилната апликација ‘м.Услуги’ и во таа насока ќе продолжиме да делуваме. Јас им се извинувам граѓаните што во периодот којшто следи ќе бидат сведоци на една ваква кампања што изобилува со ад хоминем (ad hominem), со навреди, со многу ниски страсти што опозицијата ќе ги упатува кон мене, во најголема мерка. Но тоа е, што е. Ние ќе се бориме со реформи, со проекти, со политики коишто обезбедуваат иднина, а тие бидејќи немаат што да понудат, ќе продолжат да ме навредуваат. Тоа е тоа. Од мене им е простено, а останатото останува на нив“кажа Мицкоски.
Од опозицискиот СДСМ вчера наведоа дека по поразот на Александар Вучиќ на изборите, во Србија ќе бидат отворени истраги кои, како што кажа партиската портпаролка Богданка Кузеска, ќе доведат до разврска на сите криминални соработки меѓу српските власти и премиерот Христијан Мицкоски.
Опозиционерите изнесоа серија обвинувња за криминални тендери, енергетски бизниси, бизнис-мрежи и влијанија во медиумскиот и политичкиот простор.
Партиската портпаролка и членка на Извршниот одбор, Кузеска, на денешната прес-конференција, излезе со тврдења дека од 26 октомври, по изборите во Србија и паѓањето од власт на, како што го нарече, шефот на Христијан Мицкоски, Александар Вучиќ, почнало забрзано и интензивно префрлање пари од „Алта банка“ во Македонија и во Русија.
Кузеска го повика Јавното обвинителство веднаш да постапи и да отвори истрага, со цел да се утврди потеклото на парите и да се спречат сите можни злоупотреби во Македонија.
Портпаролката на СДСМ упати повик и до гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, да излезе пред македонските граѓани и да каже што ќе преземе во врска со ваквите наводи за кои деновиве пишуваат српските медиуми.
Од друга страна, пак, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, го обвинија лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за недоследност во критиките кон српскиот претседател Александар Вучиќ. Според владејчката партија, Филипче денес се обидува да се претстави како остар критичар на Вучиќ, иако претходно, заедно со поранешниот премиер Зоран Заев, градел блиски политички односи со него






