ШОКАНТНИ СВЕДОШТВА на преживеаните од сударот во Шпанија – раскажуваат за крици и заробени патници
Сведоштва за силен удар, паника и патници кои не можеле да излезат од вагоните ја откриваат тежината на железничката несреќа кај Толедо во Шпанија. Во сударот на два брзи воза на 28 октомври загинале најмалку 64 лица, додека спасувачката акција продолжува.

Во болниците се лекуваат 58 повредени, од кои 15 се во исклучително критична состојба. Постои стравување дека бројот на жртвите може дополнително да се зголеми, а министерката за здравство упатила повик за дарување крв.
Силен тресок и луѓе кои барале излез
Мигел, кој патувал со колеги во задните вагони на еден од возовите, раскажал дека слушнал силна бучава и тресок што траел околу десет секунди. Од десниот прозорец забележал уништен воз и помислил дека дошло до излетување од шините.
Патриција, бремена патничка, опишала дека низ прозорецот видела превртен и целосно изгорен вагон. Луѓето околу неа, и покрај тешката ситуација, успеале да останат присебни и ѝ помогнале да излезе.
Седумнаесетгодишната Едуарда сведочела за хаос, крици и жртви под возовите. Според нејзиниот опис, многу патници не можеле да ги напуштат вагоните. Силата на ударот ја исфрлила нанапред, а таа првично помислила дека возот нагло запрел. Што се случило сфатила откако ги видела повредените и добила насока да излезе.
Брз воз удрил во запрена композиција
Според првичните информации, воз АВЕ на „Ренфе“ удрил одзади во композиција на „Ирио“, која била запрена на пругата. Се наведува дека запирањето било наложено поради проблем со сигнализацијата. По сударот дошло до излетување на вагони од шините, а околностите сè уште се утврдуваат.
Во возот на „Ирио“ имало 147 патници, а во другиот 397, односно вкупно 544. Несреќата се случила меѓу Лос Јебенес и Урда, во покраината Толедо, на линијата по која сообраќаат возови од и кон Севилја.
Шпанскиот премиер Педро Санчез изразил потресеност и поддршка за жртвите и нивните семејства. Сочувство упатил и кралот Фелипе Шести, додека Европската Унија соопштила дека е подготвена да ја обезбеди потребната помош. Европската комисија нагласила дека е прерано за заклучоци за причините за несреќата






