Поделби во ЕУ: Германија, Франција, Италија и Грција против статусот придружна членка за Канада

Германија, Франција, Италија и Грција се против предлогот Канада да добие статус на придружна членка на Европската Унија, бидејќи таков статус не е предвиден во европските договори, а Берлин дополнително стравува дека новиот модел би можел да создаде забуна во процесот на пристапување на Украина во ЕУ, пишува британскиот весник „Фајненшл тајмс“.
Предлогот на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, предизвика сериозни несогласувања меѓу земјите членки, кои предупредуваат дека таквиот облик на поврзување нема правна рамка во основачките договори на ЕУ и би можел да отвори бројни политички прашања.
Спорот избувна во пресрет на самитот меѓу ЕУ и Канада на 29 и 30 октомври во Монтреал, каде што Фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и канадскиот премиер Марк Карни треба да разговараат за продлабочување на соработката. Иако меѓу европските престолнини постои согласност за зајакнување на односите со Отава, овие четири земји се спротивставија на усвојување документ со таква формулација, поради што дипломатските преговори не завршиле во планираниот рок.
Според „Фајненшл тајмс“, европските дипломати предупредуваат дека создавањето нова категорија партнерство би можело да предизвика забуна со други држави, особено кандидатите за полноправно членство. Дополнително незадоволство предизвикал и фактот што Фон дер Лајен ја претставила иницијативата во септември во Европскиот парламент без претходни консултации со владите на земјите членки.
Најизразени резерви има Германија. Германскиот канцелар Фридрих Мерц претходно се залагаше за можноста Киев да добие посебен институционален статус за постепено вклучување во европските механизми пред завршувањето на преговорите, па Берлин смета дека примената на истиот термин за Канада – која нема намера да стане полноправна членка – го менува значењето на предложениот модел за Украина.
Канадскиот премиер Марк Карни досега не покажал намера неговата земја да побара полноправно членство во ЕУ, туку е заинтересиран за стратешко партнерство за подлабока економска, безбедносна и политичка соработка (во одбраната, енергетиката, критичните минерални суровини и Арктикот). Карни го нарече овој однос „сојуз на иднината“, нагласувајќи дека суштината е поважна од формалниот назив.
Во пресрет на самитот во Монтреал, европските дипломати се обидуваат да усогласат формулација што ќе овозможи приближување на Канада кон Унијата без создавање нови правни недоумици и преседани за политиката на проширување.






