Абас ги повика арапските лидери да усвојат план за завршување на војната во Газа
Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска ги повика лидерите собрани на самитот на Арапската лига во Багдад да го усвојат „арапскиот план за завршување на војната во Појасот Газа“.
-Израелските акции во Газа и на Западниот Брег се дел од целосен империјален потфат насочен кон поткопување на нашите напори за воспоставување наша независна држава, рече Абас.
Тој истакна дека на Палестина ѝ е потребна поддршка од арапските држави, американската администрација и Советот за безбедност на ОН за да се спротивстави на „империјалистичкиот потфат“ на Израел, пренесе Ал Џезира.
-Мораме да усвоиме арапски план за завршување на војната, воспоставување мир, вклучувајќи го следново: траен прекин на огнот, итно ослободување на сите палестински притвореници и израелски затвореници и безусловна испорака на помош, покрај целосното повлекување на израелските окупациски сили од Појасот Газа, рече Абас.
Тој рече дека Хамас и сите други милитантни групи треба да го положат оружјето и да го предадат на Палестинската самоуправа, предводена од Абас, која, според него, е „единствен претставник на палестинскиот народ“.
Абас, исто така, повика на свикување меѓународна конференција во Египет за спроведување на планот за реконструкција во Појасот Газа.
Тој додаде дека Палестинците бараат итен прекин на „конфискацијата, анексијата и промената на историскиот и правниот статус на светите места во Ерусалим“ од страна на Израел, како и „воспоставување на палестинска држава на палестинските територии со целосно признавање од страна на светската заедница“.