Гебрејесус го повика Израел да покаже „милост“ во војната во Газа

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус го повика Израел да покаже „милост“ во војната во Газа и инсистираше дека мирот е во интерес на самиот Израел.

Во вчерашниот говор на годишното собрание на СЗО, Гебрејесус рече дека војната му штети на Израел и дека нема да донесе трајно решение.

 

– Можете да замислите како страдаат луѓето. Навистина е погрешно да се користи храна како оружје. Многу е погрешно да се користат медицински материјали како оружје, нагласи тој.

 

Обединетите нации вчера почнаа со дистрибуција на помош со околу 90 камиони. Тоа се први испораки на помош во Газа откако Израел на 2 март воведе целосна блокада.

 

Гебрејесус рече дека само политичко решение може да донесе вистински мир.

 

– Повикот за мир е всушност во најдобар интерес на самиот Израел. Чувствувам дека војната му штети на самиот Израел и нема да донесе трајно решение. Ве молам, можете ли да имате милост? Тоа е добро за вас и добро за Палестинците. Тоа е добро за човештвото, изјави тој.

 

Извршниот директор на програмата за итни здравствени ситуации на СЗО, Мајкл Рајан, рече дека 2,1 милион луѓе во Газа се „во непосредна опасност од смрт“.

 

– Мораме да го запреме гладот, мораме да ги ослободиме сите заложници, мораме да обезбедиме снабдување и да го вратиме здравствениот систем во функција, рече тој. „Како поранешен заложник, можам да кажам дека сите заложници треба да бидат ослободени. Нивните семејства страдаат“, додаде тој.

СЗО соопшти дека жителите на Газа страдаат од акутен недостиг на храна, вода, медицински материјали, гориво и засолниште. Четири големи болници мораа да ги прекинат медицинските услуги минатата недела поради конфликти во близина или зони за евакуација и напади.

Само 19 од 36 болници во Појасот Газа сè уште се оперативни, а персоналот работи во „невозможни услови“, се наведува во изјавата на здравствената агенција на ОН. „Најмалку 94 отсто од сите болници во Појасот Газа се оштетени или уништени“, се наведува, додека северна Газа е „лишена од речиси сета здравствена заштита“.

Се наведува дека на целата палестинска територија останале достапни само 2.000 болнички кревети – бројка која е „крајно недоволна за задоволување на моменталните потреби“. „Уништувањето е систематско. Болниците се обновуваат и снабдуваат, само за да бидат изложени на непријателства или повторно нападнати. Овој деструктивен циклус мора да престане“, наведе СЗО.

Back to top button
Close