Брисел ги повика американските професори и научници да дојдат во ЕУ, им нуди поддршка од стотици милиони евра

Европската Унија одлучи да обезбеди стотици милиони евра за зајакнување на универзитетската слобода и привлекување професори и научници од целиот свет, особено од САД, каде што започна „одливот на мозоци“ поради потиснувањето на слободата на образованието и науката од страна на владата во Вашингтон, објавија францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на кoнференција во Париз со претставници на европските универзитети, министри за образование и еврокомесари.

Пораката од конференцијата под мотото „Изберете ја Европа за наука“, е дека „Европа е решена да ги стави образованието и науката во срцето на својата економија, да стане дом за научна слобода и соработка и да ги пречека талентите од целиот свет“.

Макрон објави дека владата во Париз издвоила 200 милиони евра за поволни услови за престој и работа на странски научници, истражувачи и професори.

Шефицата на Европската комисија, пак, истакна дека ЕУ обезбедила 500 милиони евра за периодот 2025-2027 година за „поддршка на најдобрите и најпаметните истражувачи и научници од Европа и од целиот свет“.

Во обраќањето до американските научници и професори кои решиле да дојдат во ЕУ, Урсула фон дер Лајен порача дека Унијата е решена да стане центар на привлекување на мозоци од целиот свет.

– На среден и долг рок, заедно со своите земји-членки, ЕУ сака да ја достигне целта од три проценти од бруто домашниот производ за инвестиции во истражување и развој до 2030 година, рече Фон де Лајен.

Европската инвестициска банка (ЕИБ) планира силна финансиска инјекција во европскиот технолошки сектор и ќе издвои 70 милијарди евра за технолошки компании и научници, пишува германскиот весник „Ханделсблат“.

Целта е да се намали заостанувањето на Европа зад САД во овој сектор, а до 2027 година 70 милијарди ќе бидат ставени на располагање на ветувачки стартапи. Целта на ЕИБ е да мобилизира дополнителни инвестиции од приватниот и јавниот сектор.

Благодарение на ова, износот на ваквите инвестиции би можел да се зголеми на 250 милијарди евра.

Back to top button
Close