Прва регионална конференција за опстанок на угостителството во услови на КОВИД-19

– На 23 и 24 септември земјава ќе биде домаќин на првата регионална конференција „КОВИД-19 – неформален партнер: Угостителите во очекување на вториот бран” чија цел е да се согледаат последиците од ударот на првиот корона бран во угостителството, но и да се изнајдат начни за ублажување на последиците од вториот бран.

Конференцијата ќе се одржи во Скопје, а ја организира Независната угостителска комора (НУК) која најавува учество на владини претставници, претставници на локалните самоуправи од регионот, како и претставници на релевантни институции од ЕУ и од Светската здравствена организација.

-Во пресрет на вториот бран на вирусот, во изминатите денови сме сведоци на нови шокантни вести од целиот свет за новите рестриктивни мерки кои веќе се најавуваат за имплементација или веќе се на сила. Со овие мерки се задава нов и уште посилен удар на угостителската индустрија од која зависат и живеат милиони луѓе во светот. Министерот за здравство Венко Филипче, во интервју за медиумите, излезе со став дека е можно враќање на рестриктивните мерки како што се полицискиот час, забрана за јавни собири и затворање на угостителските објекти. Во нашата земја има 6.500 угостителски објекти со повеќе од 35.000 пријавени вработени и повеќе од 10.000 сезонски работници кои заедно со своите семејства сочинуваат повеќе од 200.000 од населението во нашата земја, вели претседателот на НУК, Здравко Јосифовски.

Според НУК, на конференцијата, стручни медицински лица, балкански асоцијации, комори и здруженија на угостители, производители, дистрибутери, увозници и останати засегнати страни ќе имаат можност преку работни панели да придонесат кон дискусијата. Императив ќе биде сите засегнати страни да се вклучат во единствената цел – справување со кризата и просперитет на секторот заедно со неформалниот партнер КОВИД-19.

Back to top button
Close