(ВИДЕО) Кузеска: Економијата е пред колапс, доцнат плати, дали Буџетот е празен?
Прес-конференција на СДСМ, Богданка Кузеска – портпаролка
Додека Мицкоски зборува за некаква силна економија, Македонија се наоѓа пред историски најсериозната економска и финансиска криза каква што не се памети во земјава од нејзиното осамостојување.
Согласно сите индикатори кои се однесуваат на стабилноста на економијата и финансискиот сектор укажуваат на тоа дека Владата се наоѓа во сериозен кризен менаџмент, особено во Министерството за финансии.
Тоа што како печурки никнуваат разноразни аналитичари кои зборуваат за некаков „економски раст“ е само потврда дека јавноста се подготвува за сериозна криза.
Реалноста сепак е дијаметрално спротивна. Фактите говорат дека буџетот е пред целосен крах.
Повратот на ДДВ за фирмите не се враќа.
Фирмите, од најголемите извозници до малите бизниси, немаат поврат и ги трпат последиците. Немаат ликвидност, немаат пари за плати, се задолжуваат. Ова е прв јасен индикатор дека во државната каса нема пари.
Истовремено, земјоделците чекаат за субвенции што одамна требаше да ги добијат.
Најавите за „рекордна поддршка“ се целосна лага, реалноста е дека нема пари на сметките на земјоделците. Пари за субвенции се должат на сточарите, производителите на раноградинарски производи, а проблеми имаат и оризопроизводителите. Без овие пари не само што нема „рекордна поддршка“ на земјоделците, туку има рекордно осиромашување и девалвирање на земјоделското производство со што Македонија се повеќе станува увозно зависна дури и за храна.
Доцнат плати во институциите. Вработените во образование, култура, дури и во дел од јавната администрација за прв пат во 35 години од осамостојување на државата не се сигурни дали на први ќе ја добиајт нивната плата. Последен ваков случај е со доцнењето на платата во Министерството за внатрешни работи.
Ова не се исклучоци туку редовни месечни проблеми во различни сектори.
Владата ветуваше „нов економски циклус“, а денес – на половина година – има реализација под 20% на капиталните инвестиции што е најсериозен индикатор дека економијата не само што нема „историски раст“ туку е во сериозна стагнација. Тоа значи дека ништо не се гради, ништо не се движи економски. Ниту проекти, ниту вработувања, ниту локален развој. Единствен сериозен капитален проект во овој момент е Коридорот 8 и 10 започнат во времето на Владата на СДСМ.
Да биде ситуацијата уште потрагична, една милијарда евра од Унгарскиот кредит кој треба да го враќаме сите во наредните две децении е потрошен на сервисирање на редовни обврски на државата, а не за економски и капитални проекти како што беше најавувано.
Она што е уште поопасно е што ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја прикрие оваа катастрофа. Зборуваат за тоа дека „Македонија е економски тигар“, а проекциите за економијата покажуваат нешто сосема друго: економски раст од најмногу 2,8% во услови кога инфлацијата е над 3%. Тоа не е раст, тоа е негативен раст. Македонија не оди напред, туку тапка во место или уште полошо – се враќа назад.
Значи растот којшто сака власта да го престави е резултат на инфлаторно зголемена потрошувачка, а не на продуктивност, инвестиции или извоз.
Кога цените растат, се зголемува номиналната вредност на БДП, а тоа значи дека граѓаните плаќаат повеќе за иста количина производи и услуги. Ама имаат помалку.
Владата мери лажни проценти а граѓаните мерат сиромаштија во денари, гледајќи како цените растат побрзо од платите а нивните паричници се празни.
ДПМНЕ, ВЛЕН и привезокот ЗНАМ мора да одговорат и да не се крие, дали е точно дека најголем дел се потрошени за тековни раходи затоа што нема пари во буџетот?
Банкарскиот сектор е информиран да внимава со проектите, да не одобрува брзо, бидејќи државата не им префрла средства. Зошто? Повторно – затоа што нема пари.
Ова е економски колапс. Крах кој веќе се случува. Владата нема одговори, затоа што одговорот е еден – буџетот е празен.
Дали Македонија е пред државен банкрот?
Дали не очекува грчко сценарио?