За ВМРО-ДПМНЕ се злонамерни и лажни обвинувањата на СДСМ за злоупотреби во Министерството за култура и туризам

Од партијата посочуваат дека сите службени патувања на министерот Љутков и вработените во министерството се реализирани со јасна културна и дипломатска агенда, и оти секој трошок е транспарентно објавен и достапен за јавноста

Злонамерни и лажни – вака ВМРО-ДПМНЕ ги оценува денешните обвинувања од страна на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), поврзани со Министерството за култура и туризам.

Од партијата го демантираат искажаното на прес-конференција на СДСМ, нагласувајќи дека станува збор за конструкции и обид да се прикрие „катастрофалното владеење“ на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ категорично ги отфрли обвинувањата за повластување на „шоферот на министерот“ за кабинетски службеник. Тие појаснуваат дека возачот на министерот е лице определено од Службата за општи и заеднички работи и не е кабинетски службеник.

Во писменото соопштение од партијата демантираат и дека претседателот на Управниот одбор на Македонската опера и балет е кабинетски службеник на министерот. Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека станува збор за лице кое е вработено во министерството веќе 15 години и е професионалец.

„Да не се навраќаме на потрошените буџетски средства на претходната ваша министерка и на вашите директори, кои во исто време беа и директори и селектори и членови на комисии во Министерството за култура“,се додава во соопштението.

Во интерес на јавноста, ВМРО-ДПМНЕ најостро реагира на „целосно шпекулативните информации и невистинити тврдења дека министерот Љутков потрошил над 50 000 евра за патувања“.

Тие потенцираат дека потрошените средства за патувањето во Јапонија, кои се споменуваат, изнесуваат точно 3 485 080 денари и не биле искористени за бројна делегација од министерството, туку, како што велат, исклучиво за патни трошоци, билети, сместување и дневници за уметниците од НУ Ансамбл „Танец“.

Од партијата посочуваат дека сите службени патувања на министерот Љутков и вработените во министерството се реализирани со јасна културна и дипломатска агенда, и оти секој трошок е транспарентно објавен и достапен за јавноста.

„Обидите да се проблематизираат службено оправданите патувања, се класичен пример на сензационализам и манипулација“,додаваат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека патувањето во Јапонија е дел од официјална програма за меѓународна културна презентација на државата, во духот на историскиот Договор за соработка потпишан минатата година.

Тие тврдат дека единствен критериум при изборот на програмата за „Експо Осака“ е квалитетот, и дека овој пат, наместо „препарираниот рис и орел“ од „Експо Дубаи“ 2021 за време на владеењето на СДСМ, пред јапонската и светската јавност се нудат амбасадорите „Танец“, Ана и Игор Дурловски, Кирил Џајковски и Владимир Василевски-Четкар.

„Наместо да го поздравиме видливото присуство на нашата држава на овој настан, СДС најбезочно ги омаловажува уметниците и ја извртува вистината“,се вели во реакцијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ „била и е партија која секогаш ги омаловажува уметниците и не може да се помири во евидентната разлика на работа, посветеност во културата“.

ВМРО-ДПМНЕ ја повика актерката Катарина Илиевска-Силјановска својот „талент на интерпретација да го насочи кон театарските сцени“, а од СДСМ очекуваат „јавно извинување за искажаните небулози и дезинформации“.

Доколку тоа не се случи, Министерството најави дека ќе ги преземе сите правни мерки за заштита на својот углед и на угледот на своите претставници.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска информира за, како што ги нарекоа, „сериозни злоупотреби и скандалозно однесување“ во Министерството за култура и туризам под раководство на министерот Зоран Љутков.

Катарина Илиевска-Силјановска од Комисијата за култура во СДСМ постави директно прашање: „Зошто на Љутков му се дозволува вакво аздисување и злоупотреба на парите на граѓаните“.

Back to top button
Close