ЈПДП: Нема отстапки од планираниот период за пуштање на дел од автопатот Кичево-Охрид

Од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) велат дека во моментов нема отстапка од планираниот период за ставање во функција на дел од автопатот Кичево-Охрид, од Врбјани до Охрид, со исклучок на делот кај Ботун, откако претходно беше најавено дека на почетокот на летната сезона ќе бидат пуштени првите километри.

Во изјава за МИА од ЈПДП објаснуваат дека интензивно се работи на терен со посебен акцент на делницата од село Врбјани до Охрид, каде се изведува асфалтирање на делот од Врбјани до Ботун-главна траса.

– Забрзано тече изградбата на пристапните патишта од: Врбјани до Сливово, Сливово-Арбиново, Арбиново-Издеглавје, Издеглавје-Песочани, Песочани-Ново Село, Ново Село-Ботун, како и изградбата на пристапни патишта до село Горенци и село Оровник. Се изведува последната фаза пред асфалтирање и градежни активности на клучките Арбиново и Издеглавје, се поставува жичана ограда и еластична ограда, а кај Климештани е завршена десната страна и пуштена под времен режим на сообраќај и сега започнуваат активности на лева страна од главната траса.

Започната е првата фаза на клучка Требеништа, а интензивно се работи од Подмоље до х. Амасадор на изградба на столбови за натпатник, изградба на потпорен ѕид, како и на изградба на фекална и атмосферска мрежа. Се работи и на натпатникот кај Св. Еразмо, но и на левата страна од Подмоље до Охрид каде се поставува еластична ограда во средишниот дел, а се вршат и припремни работи за асфалтирање на десната страна од главна траса, велат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Back to top button
Close