Паника во НАСА и Пентагон по расправијата помеѓу Трамп и Маск t
Судбината на договорите на SpaceX вредни 22 милијарди долари под закана поради судирот Маск–Трамп
Американската вселенска програма би можела да се соочи со сериозни турбуленции, откако ескалираше јавниот конфликт меѓу милијардерот Илон Маск и претседателот на САД, Доналд Трамп. Под знак прашалник се ставени државни договори со компанијата SpaceX, вредни околу 22 милијарди долари.
Повод за расправата е несогласувањето околу новиот закон за даночни поттикнувања, со кој значително би се зголемила државната потрошувачка. Несогласувањето брзо премина во отворен судир, откако Трамп, од Овалната канцеларија, јавно го нападна Маск, заканувајќи се со раскинување на државните договори со неговите компании.
Во исто време, Маск преку серија објави на социјалната мрежа X возврати дека SpaceX ќе започне со итна деактивација на својата вселенска капсула „Драгон“.
Капсулата „Драгон“ е единственото американско вселенско летало моментално способно да транспортира астронаути до и од Меѓународната вселенска станица (ISS). NASA се потпира на овој систем од 2020 година во рамки на договор вреден пет милијарди долари – само еден од бројните договори што SpaceX ја прават клучен партнер во американскиот вселенски програм. Од агенцијата сè уште нема официјален коментар.
Политичка одмазда по цена на национална безбедност?
Оваа ескалација отвори прашања околу тоа до каде е подготвен да оди Трамп во својата политичка пресметка со Маск и дали е подготвен да ги загрози милијардите долари вредни договори кои NASA и Пентагон ги сметаат за витални за одржување на американското водство во вселената.
SpaceX има активни договори со NASA вредни околу 15 милијарди долари. Освен капсулата „Драгон“, агенцијата се потпира и на ракетниот систем „Фалкон 9“ за лансирање научни инструменти и корисни товари, како и за развојот на новото вселенско летало „Старшип“, кое треба да ги врати американските астронаути на Месечината до крајот на деценијава.
Покрај NASA, и Пентагон го смета SpaceX за клучен партнер за лансирање на безбедносни сателити. Во моментот, воена единица на компанијата гради огромна шпионска констелација во орбитата, наменета за потребите на американската разузнавачка заедница.
Потенцијалното повлекување на „Драгон“ би значело сериозно нарушување на програмата ISS, која е резултат на повеќедеценска меѓународна соработка во која учествуваат десетици држави. Засега, останува нејасно колку брзо би можело да се случи тоа и какви би биле последиците по глобалната вселенска безбедност и научна соработка.