Во понеделник отворање на 25. Недела на италијанскиот филм
Од 9 до 14 јуни 2025 година ќе се одржи XXV издание на „Неделата на италијанскиот филм – ITALIAN SCREENS“. Организиран од италијанската амбасада во Скопје, во соработка со Италијанскиот културен институт во Белград и Кинотеката на Република Северна Македонија, фестивалот е под покровителство на проектот ITALIAN SCREENS, проект за поддршка на интернационализацијата на италијанскиот аудиовизуелен сектор, чија цел е промовирањето на најдоброто од италијанската филмска продукција во странство и вклучува и алатки за поддршка на италијанската кинематографија како што се даночни кредити и средства за дистрибуција и копродукции.
Иницијативата, осмислена од Роберто Стабиле – раководител на секторот за интернационализацијата при DGCA-MiC/Cinecittà, е резултат на соработката помеѓу италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка (MAECI), Генералниот директорат за кинематографија и аудиовизуелни уметности при Министерството за култура (DGCA-MiC) и Cinecittà.
На овогодишното издание ќе бидат прикажани шест од најуспешните филмски остварувања на современата италијанска кинематографија. Филмовите, сите дистрибуирани помеѓу 2024 година и првите месеци на 2025 година, се учесници на престижни меѓународни фестивали и добитници на значајни награди и признанија од критиката и јавноста. Темата што совршено ги обединува насловите во програма е патувањето: интерпретирано во буквална смисла со значење на пат кон родната земја или далеку од неа – но исто така и како визуелно, внатрешно, егзистенцијално, временско или емоционално патување.
Во понеделник, 9 јуни, фестивалот ќе го отвори „Партенопе“ (2024), најновото ремек-дело на наградуваниот Паоло Сорентино: филм кој претставува единствен склоп на поезија, носталгија и љубов кон Неапол, родниот град на режисерот. Во центарот на наративот се наоѓа Партенопе, независна и антиконформистична жена, со магнетна убавина и вечен порив по знаење. Нејзиното егзистенцијално и симболично патување, обележано со значајни средби, љубови, пријателства и разочарувања, кое е длабоко испреплетено со она на Неапол, прекрасен и декадентен град, колку убав толку и проклет, кој во филмот станува своевиден лик, жив и неуморен.
Во вторник, 10 јуни, ќе биде прикажан „Заслепеност“ (2025) од Роберто Андо, кој ќе нè одведе на патување низ историјата. Филмот е инспириран од кратка и помалку позната приказна напишана од Леонардо Шаша, заснована на маргинална, но вистинита епизода од националното движење за обединување на Италија. Режисерот ги меша историската драма и комедијата, комбинирајќи ја верната реконструкција на фактите со емоционална и иронична нишка доверена на измислени ликови. Преку овој пристап, филмот нуди нова перспектива на револуцијата, која го доведува во прашање хероизмот на официјалната историја и нуди размисли за конструкцијата на италијанскиот идентитет и илузиите што го придружуваа процесот на обединување.
Во среда, 11 јуни, во програма е филмот „ИзбезУмени“ (2025), најновото дело на Паоло Џеновезе, забавна романтична комедија што ни дава увид во најскриените мисли на двајцата протагонисти, откривајќи ги мистериозните механизми што ги водат нашите постапки и внатрешните конфликти што влијаат на нашите избори. Различните ликови присутни во умовите на протагонистите, претставени од двајца исклучителни актери, земаат глас и добиваат тело: ќе ги видиме како дискутираат, се расправаат, се радуваат и се трогнуваат. Секој од нив ќе се обиде да добие предност над другиот за да ја одреди конечната одлука, што доведува до комични и непредвидливи ситуации, но исто така и ситуации богати со мисли за човечката психологија.
Во четврток, 12 јуни, ќе се прикажува „Неапол – Њујорк“ (2024), новиот филм на оскаровецот Габриеле Салваторес, слободно инспириран од оригинална приказна на Федерико Фелини. Дејството се случува во повоениот период, а долгометражниот филм раскажува за епското патување на две деца кои решаваат да го напуштат Неапол поради желбата за подобар живот во ветувачкиот Њујорк. Вешто балансирајќи ја комедијата и драмата, режисерот нè поттикнува да размислуваме за актуелните прашања како што се миграцијата, солидарноста и дискриминацијата.
Во петок, 13 јуни, ќе следува „Како големи“ (2025) на Грета Скарано, во нејзиното режисерско деби со лесен, но не и површен филм. Основан на автобиографски роман, филмот деликатно и иронично се осврнува на темата за аутизмот, избегнувајќи каква било реторика или форма на патетика. Горчливо-сладок портрет на патување кон самостојноста, помеѓу соништата, кршливоста и споделеното созревање, пронижано со хумористични сцени.
Фестивалот ќе се затвори во сабота, на 14 јуни, со филмот „Дијаманти“ (2024), новиот кинематографски успех на Ферзан Озпетек, кој ја освои наградата „Давид Ди Донатело од гледачите“ оваа година. Сместен во римска кројачка работилница во 1974 година, филмот ја раскажува приказната за човечките и работните односи на група жени вклучени во кроењето филмски костими. Преку овој микрокосмос, Озпетек истражува универзални теми како што се борбата против патријархатот, потрагата по идентитет, љубовта и пријателството. Резултатот е хармонично и полицентрично дело кое го слави женското соучесништво и отпорност.
Сите филмови ќе се прикажуваат на оригинален јазик со титлови на македонски и на англиски јазик. Проекциите ќе се одржат во историската Кинотека на Република Северна Македонија и ќе започнуваат во 20:00 часот.