(ВИДЕО) Тендерот за униформите требало да се објави пред да се регистрира една од фирмите што го доби

Според годишните планови за јавни набавки на Министерството за внатрешни работи, тендерот за набавка на униформа и делови од униформа за специјалните полициски единици требало да се распише во септември. Ако се распишел според планот, на него немало да може да учествува една од добитничките бидејќи во тој момент едноставно не постоела

Планот за јавни набавки е единствениот јавен документ од кој фирмите можат да видат што и кога една институција планира да купува пред да се распише оглас за јавна набавка

Пред две недели обелоденивме дека МВР склучило рамковни спогодби за набавка на униформи за специјалците чија вредност може да се искачи до 3,8 милиони евра.

Тендерот бил така скроен што не било пречка да го добијат фирма формирана 20 дена пред распишувањето на огласот и модно женско студио кое лани имало двајца вработени и 20-ина илјади евра приходи за цела година.

Сторијата доби внимание во јавноста, вклучително и од политичарите. Опозицијата го опиша случајот како бизнис шема на власта, а власта го повика обвинителството да го истражи и овој, но и сите претходни слични набавки.

„Тендерот е шиење по мерка – ама не за полицијата, туку за партиските и бизнис интереси блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е случајност. Ова е дел од тендерските шеми на ВМРО-ДПМНЕ и системската корупција која го јаде општеството“,

Планиран во септември, реализиран во декември

План за јавни набавки. Така се вика документот што секоја државна институција е должна да го донесе, а во кој, како што кажува и насловот, пишува што ќе набавува институцијата во претстојната година.

Планот вообичаено се носи кон крајот на една календарска година, за набавките за следната. Низ годината, зависно од потребите и парите, може да се менува и дополнува.

Првиот годишен план на МВР за 2024-та, годината во која е распишан тендерот за униформите, е објавен на 9 јануари 2024 година. Во него не се споменува набавка на униформи за специјалците, што значи дека не се планирал таков тендер.

До крајот на 2024-тата година, МВР го смениле планот уште два пати. Униформите останале и во следните верзии, но никогаш не се сменил планот за тоа кога да се распише набавката – останал септември. Еве зошто сето ова заслужува внимание?

Како што веќе рековме, набавката на униформите за првпат се појавува во Планот за јавни набавки на МВР во септември 2024-тата, со интенција тендерот да се распише во септември. Но, поминал септември, поминал и октомври, а МВР не објавиле повик. Не објавиле ниту во ноември, но тој месец, на 20 ноември, во земјава е регистрана фирмата „Памитекс тим“. Само 20 дена подоцна, е објавен тендерот за набавка на униформи за специјалците на кој „Памитекс“ се пријавува, а потоа и добива зделка – тригодишна рамковна спогодба вредна 1 710 000 евра.

Хронологија на воведување во План за јавни набавки и распишување на оглас за набавка на униформа за специјалните единици на МВР

Бидејќи Планот за јавни набавки е единствениот јавен документ од кој една фирма може да дознае кои тендери ќе ги распишува одредена институција, ваквата хронологија на настаните отвора неколку дилеми. Зошто „Памитекс“ отвориле фирма во ноември, ако Планот за јавни набавки предвидувал тендерот да биде објавен уште во септември? Но, и дали има врска меѓу одложувањето на распишувањето на огласот од септември во декември, со регистрацијата на „Памитекс“ во ноември?

Па, од МВР побаравме објаснување – зошто не го распишале огласот за кога и го планирале, во септември? Не добивме одговор во рокот кој го оставивме.

„360 степени“ уште пред две недели ја праша и „Памитекс тим“ – дали фирмата е направена само за огласот на МВР. Ниту тогаш, ниту во меѓувреме ни стигна одговор и на тоа и на другите прашања.

Повеќе

Back to top button
Close