Муцунски: Сè уште нема позитивен одговор од Бугарија за средба меѓу Сиљановска-Давкова и Радев на самитот на НАТО во Хаг


Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека досега нема позитивен одговор од бугарските власти за одржување средба меѓу претседателите на двете држави, Гордана Сиљановска-Давкова и Румен Радев, на Самитот на НАТО што ќе се одржи на 24 и 25 јуни во холандскиот град Хаг.

Според Муцунски, ноторен факт е дека со своето дејствување во надворешната политика, Бугарија влијае на влошување на билатералните односи помеѓу двете држави, но исто така и на создавање на една тензија помеѓу народите за која Муцунски вели дека е неприродна и не треба да биде таква каква што е.

„Бугарија треба да биде свесна прво за својата одговорност како земја членка на ЕУ, но исто така да има развиено и свест дека двете држави се партнери во НАТО алијансата и дека ваквото дејствување какво што го има во моментот, негативно влијание врз нашиот евроинтеграциски процес, не ги подобрува билатералните односи, но исто така има и лошо влијание врз геополитичката стабилност во нашиот регион и на европскиот континент“,

вели Муцунски во интервју за Канал 5 телевизија за време на неговата посета на Париз.
Тој додава дека секогаш повикува на рационалност и свесност во Софија, но и кај другите земји членки на ЕУ, за потребата од забрзување на нашиот пат кон полноправно членство.

Муцунски вели дека редовно комуницира со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и оти се координираат со неа и со премиерот Мицкоски по овие прашања.

Министерот додава дека од македонска страна таа иницијатива за средба е прифатена и оти се надева на одговор од бугарската страна бидејќи, како што рече, смета дека треба да се седне и заедно да се дискутира како сите овие процеси влијаат врз нашата земја, врз Бугарија и врз целиот регион.

„За жал до овој момент немаме позитивен одговор. Но, тоа беше една тема која ја отворивме и со нашите пријатели во Париз денеска, за која разговареме и со сите наши сојузници, не само со раководството на ЕУ. Очекуваме позитивен одговор и да се организира таква средба во рамките на самитот во Хаг каде отворено ќе ги претставиме аргументите што и двете страни ги имаат“,додаде Муцунски.
Во интервјуто тој говори и за одложувањето на расправата на Европскиот парламент (ЕП) за извештајот на европратеникот и известувач за С Македонија, Томас Вајц.

Според Муцунски, охрабрувачки чекор е тоа што извештајот е одложен, а не откажан, што остава простор тој да биде усвоен на некои од понатамошните пленарни седници на ЕП.

„Од наша гледна точка, како земја кандидат, земја која не е претставена во Европскиот парламент, која не може непосредно да влијае врз неговата содржина, сметаме дека е балансиран извештај, но извештај што дава многу конкретна слика по однос на нашиот идентитет и нашиот јазик. Нешто што сметаме дека е охрабрување. Нашата надеж е дека истиот ќе биде прво прифатен од страна на Комитетот за за надворешна политика на ЕП и потоа од пленарната седница“,
додава министерот.

Во однос на резолуцијата што едногласно ја усвои бугарското собрание, а која се однесува на напредокот на нашата земја во процесот на пристапување кон Европската Унија и во која се посочува дека нема план Б за Македонија на патот кон ЕУ, Муцунски рече дека е согласен оти има само план А, а тоа според него е полноправно членство во ЕУ.

„Но, прашањето е по кои принципи ќе одиме по тој пат по кој сите посакуваме да одиме. Ако е принципот уцена и барања што не соодвествуваат со вредностите на ЕУ, барања што излегуваат надвор од стандардите и критериумите на ЕУ, тогаш навистина е тешко да се дискутира. Ако зборуваме за мерит, за критериуми, за реформи тука план А е план А, тоа е тој што треба да го спроведеме и во таа смисла таа е пораката што ние постојано ја пренесуваме“,рече Муцунски.

Тој додаде дека ги следи антиевропските сили во Бугарија за кои вели дека многу негативно влијаат на процесот на подобрување на односите меѓу двете држави.

„Но, на крајот на денот има антиевропски сили и во нашата држава. Но, нашата одговорност како Влада е да ја преземеме одговорноста кон Европа и кон регионалната стабилност. Истото го очекувам и од нашите колеги во Софија. Да го разберат времето во кое живееме, да имаат сериозно гледиште кон процесите што се случуваат околу нас и да развијат свест дека за да обезбедат стабилност на целиот регион треба да престанат со уцени, треба да почнеме да разговараме рационално и да разговараме за сето она што може да не обедини“,кажа Муцунски.

На предлог на европратеникот и известувач за С Македонија, Томас Вајц, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) го одложи гласањето за усвојување на предлог-извештајот за земјава за 24 јуни.

Вајц нагласи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за чии преговори и компромиси, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во ЕП.

Во педлог-извештајот за напредокот на земјава за 2023 и 2024 година, подготвен од евопратеникот Вајц, е наведува потребата од одржување на моментумот и се забележува дека земјава продолжува да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ. Воедно, се повикува на брз напредок во преговорите и спроведување на уставните измени.

Во нацрт-документот, дополнително, постојат неколку референции за признавање на македонскиот јазик и идентитет, изјави известувачот за С Македонија, Томас Вајц во интервју за „360 степени“.

Back to top button
Close