Зеленски: Подготвени сме за прекин на огнот по постоечката линија на фронтот

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина е подготвена за прекин на огнот по постоечката линија на фронтот и е за почеток на дипломатски преговори.

Тој во интервју за „Ал Џезира“ на англсики јазик во Киев, рече дека таков потег би бил исклучително голем компромис.

„Подготвени сме да застанеме таму каде што сме сега. Станува збор за прекин на огнот на линијата на поделба. Тоа е компромис, се разбира, и многу голем“, рече Зеленски. „Свесни сме дека тој не сака да ја напушти нашата територија. Затоа велиме: Во ред, да застанеме тука и да се свртиме кон дипломатијата“.

Зеленски, исто така, изрази надеж дека американскиот претседател Доналд Трамп сè уште има доволно влијание за да помогне во наоѓањето решение за завршување на војната, објавува „Украинска правда“.

Изјавата на украинскиот претседател доаѓа по уште еден масовен напад. Според Командата на украинската воздухопловна одбрана, руските сили во текот на ноќта ја нападнале Украина со 140 дронови. Украинската воздушна одбрана соборила 101 дрон, а удари биле регистрирани на 27 локации.

Back to top button
Close