Паднати дрва и поплавени булевари од невремето во Скопје
Од невремето кое попладнево го зафати Скопје поплавени се неколку улици низ Скопје и паднати се дрва на неколку локации. Според досегашните пријави на единствениот број за итни случаи 112 поплавен е булеварот Никола Карев кај поранешна стоковна куќа „Мост“ и дел од булеварот Македонска Косовска бригада во Чаир. Како што информираат од Центарот за управување со кризи има заглавено автомобили.
„Под стоковна куќа Мост има приближно 50 сантиметри вода. Целиот булевар е блокиран, а повеќе возила се заглавени. Поплава има и на булеварот Македонска Косовска Бригада во Општина Чаир. Неколку возила се заглавени, а паркот во близина е исто така поплавен“, велат од ЦУК.
–
Дополнително, пријавено е дека на улицата Петар Манџуков во населба Бутел улиците се поплавени, шахтите се запушени и водата не се повлекува.
ЦУК преку бројот за итни повици 112 прими пријава за паднато дрво на ул. „Кочо Битолјанов“, од спротивната страна на „Алкалоид“, во близина на Скопска Пивара. Постои опасност дрвото да оштети електрични кабли.
Во Општина Карпош на улицата Рузвелтова паднато е дрво и блокирани се три сообраќајни ленти, и во моментов проодна е само една лента. Паднато дрво има и на улицата Кочо Битолјанов во близина на Скопска Пивара, постои опасност дрвото да оштети електрични кабли.
Пристигната е пријава и за навалена бандера од уличното осветлување на улицата Народни херои, во Општина Кисела Вода.
Од ЦУК велат дека надлежните служби се известени и ќе преземат соодветни мерки во рамки на својата надлежност.
– Поголема нестабилна маса проследена со силен пороен дожд, грмежи засилен ветер и појава на град во поширокиот велешки регион и Скопје зафатено со нестабилност, грмежи поројни врнежи и појава на суградица, а нестабилноста се движи од североисток кон југозапад, се вели во објавата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) на Фејбсук.
Покрај Скопје, и Велешко, Светиниколско, Штипско и Делчевско се зафатени од нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и појава на град.
Утре ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Во Скопје, сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.