Собранието го изгласа Азир Алиу за нов министер за здравство

Со 65 гласа „за“, 15 „против“ и ниту еден воздржан, Собранието попладнево го изгласа Азир Алиу за нов министер за здравство на местото на Арберн Таравари кој неодамна даде оставка од министерската функција.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно во образложението на предлогот за Азири истакна дека верува оти неговата енергија и знаење ќе донесат нова димензија во менаџирањето со здравствениот систем.

-Доктор Алиу е доктор по информатички науки. Професор, човек, кој со години се занимава со управување со системи, податоци и дигитални решенија. Во време кога некои држави со еден клик добиваат дијагноза, ние се уште трчаме. Време е тоа да се промени. И токму затоа веруваме дека неговата енергија и знаење ќе донесат нова димензија во менаџирањето со здравствениот систем. Дали ќе биде лесно? Не. Нема да биде. Но дали е можно? Да. Затоа што веќе покажавме дека може. Поминаа помалку од една година, а веќе се чувствува разликата. Започнавме со скрининг програми, ги намаливме листите на чекање, воведовме нови лекови на позитивната листа, а паралелно работиме на законски измени што ќе донесат системски ред. Истовремено, се изготвуваат и инфраструктурни проекти, изградба и обнова на здравствени установи, но и дигитализација која ќе спречи злоупотреби. Ќе овозможи секој пациент да има евиденција, услуга и пристап до системот.  Во овој процес доктор Алиу ќе има силна поддршка од мене како претседател на Владата, но и силна лична одговорност. Очекувањата од него се големи, а времето не ни е сојузник, рече премиерот Мицкоски.

Азир Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој моментно ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година, а, согласно доставената биографија, бил и на други високи и одговорни позиции.

Алиу е дел од Алијансата за Албанците која остана во Вреди по оставката од 15 мај, годинава на Арбен Таравари и неговата одлука да замине во опозиција.

Back to top button
Close