Швајцарците на референдум одлучуваат за ограничувања на извозот на оружје и забрана за огномет

Швајцарските гласачи денеска излегуваат на референдум на кој ќе одлучат за промена на правилата за извоз на оружје и забрана на огномет.
На референдумот гласачите ќе одлучат за ублажување на ограничувањата за извоз на воена опрема. Швајцарското законодавство во моментов, меѓу другите ограничувања, не дозволува извоз на оружје во земји вклучени во вооружен конфликт.
Предложените измени би дозволиле извоз во партнерски земји вклучени во конфликти, под услов да е во согласност со неутралноста на Швајцарија и интересите за надворешна политика и безбедност.
Федералната влада би можела да отстапи од критериумите за лиценцирање во исклучителни околности, доколку тоа е потребно за заштита на швајцарските интереси.
Извозот сè уште би бил предмет на законите за неутралност, барањата за човекови права и други меѓународни обврски.
Гласачите, исто така, ќе одлучат за забраната за продажба и приватна употреба на огномет.
Предлогот би забранил гласни пиротехнички средства со цел да се намали бучавата, загадувањето на воздухот, несреќите и ризикот од пожар и да се заштитат луѓето и животните.
Доколку предлогот биде прифатен, забраната би требало да се спроведе во рок од две години. Според анкетите, мерката има широка јавна поддршка.
Професионалните огномети би биле ослободени од ограничувањата.
Слични ограничувања се во сила во Ирска и Холандија.






