Притвор му е одреден на Крмзов, 30 дена треба да помине во Шутка оти судот смета дека може да избега, влијае на доказите или да го повтори делото

Ване Андреев, бранител на бизнисменот Ристо Крмзов, за „Скопје1“ потврди дека на неговиот клиент му е одредена мерка 30-дневен притвор. Тој од Кривичен суд ќе биде спроведен во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка. Мерката му е одредена поради опасност од бегство, влијание на сведоци и можност да го повтори делото.

„Оваа мерка нема логика, тој и досега беше под мерки, со одземена патна исправа и со јавување во суд. Една година како му се изречени тие мерки. Ги нема прекршено, плус има платено данок, а сега се изрекува притвор“, вели адвокатот на Крмзов во изјава за „Скопје1“

Андреев најави жалба до Кривичниот совет.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во координација со Финансиска полиција, УЈП и други служби, поднесе кривични пријави против 27 физички лица и 15 правни лица од Струмица, осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и несовесно работење во служба.

Според истрагата, во 2019 година тројца организатори формирале мрежа во која биле вклучени управители, инспектори од УЈП и сметководители. Тие преку фирми под нивна директна или скриена контрола издавале лажни фактури и прикажувале фиктивен промет.

Со ваквото работење, пријавените стекнале противправна корист од над 94 милиони евра, на директна штета на државниот буџет.

Back to top button
Close