Иран обвинува: САД и Израел ги претвораат нуклеарните преговори во стапица
САД и Израел се обидуваат да ги претворат нуклеарните преговори во „стратешка стапица“ за Иран, изјавија денеска ирански пратеници, неколку дена пред планираниот шести круг преговори меѓу Техеран и Вашингтон.
„САД воопшто не преговараат сериозно. Нивна цел е наметнување на нивните барања, а нивните агресивни позиции се целосно спротивни на неотуѓивите права на иранскиот народ“, се вели во изјавата на иранските пратеници.
Вчера американскиот претседател Доналд Трамп нагласи дека двете страни имаат различни ставови за збогатувањето на ураниум од страна на Иран, што, според иранските законодавци, е дел од нуклеарната програма на земјата и не подлежи на преговори. Додека Трамп изјави дека следниот круг преговори ќе се одржи в четврток, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, соопшти дека средбата е закажана за в недела во Маскат, главниот град на Оман.
Иран ќе презентира контра-предлог на американскиот план за нуклеарниот договор, кој Техеран го смета за неприфатлив поради позицијата за збогатувањето на ураниум и недостигот на детали за укинувањето на санкциите. „Единствениот прифатлив договор е оној што целосно ќе ги укине сите санкции за да се обезбедат економски придобивки за Иран“, додадоа пратениците