Декларацијата од самитот во Одеса повикува на зајакнување на санкциите против Русија
Земјите учеснички на Четвртиот самит Украина – Југоисточна Европа потпишаа декларација со која се повикува меѓународната заедница да ја зајакне поддршката за Украина и напорите за наоѓање дипломатски пат кон траен мир, но и да ги одржи и зајакне санкциите против Русија.
Документот не го потпиша претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Во текстот на декларацијата, објавена на веб-страницата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, меѓународната заедница е повикана да ја зајакне својата поддршка за Украина „во нејзината борба за слобода, независност и територијален интегритет“, а во исто време ги повикува сите земји да „се воздржат од обезбедување каква било материјална или друга помош за воените напори на Русија“.
Во текстот на декларацијата, учесниците на самитот ја поддржуваат Украина на нејзиниот пат кон целосна евроатлантска интеграција, вклучително и членство во НАТО, и забележуваат дека членството во Алијансата останува најдобрата безбедносна опција за Украина. Текстот, исто така, ја нагласува „важноста на координацијата со одлуките и мерките на Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“.
Покрај тоа, учесниците на денешниот самит ја повикуваат меѓународната заедница да ги одржи и зајакне санкциите против Русија во банкарскиот и енергетскиот сектор, особено во однос на ограничувањето на цените на нафтата и „мистериозната“ руска флота, со цел „да се лиши агресорот од ресурсите потребни за продолжување на војната против Украина“.
Декларацијата, исто така, ги поддржа меѓународните напори за формирање специјален трибунал за разгледување на злосторствата од агресија против Украина извршени од Русија. Потписниците се согласија да работат заедно за да спречат хибридни закани и да го одржат следниот состанок на земјите учеснички во оваа декларација на ниво на надлежни агенции во Одеса. Во декларацијата се наведува дека за време на самитот, учесниците разговарале за начините за проширување на поддршката на енергетскиот систем на Украина, особено преку вклучување на приватниот сектор во обезбедувањето на потребната опрема и финансирање.