Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто во работна посета на земјава
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска ќе биде домаќин на шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, кој ќе престојува во работна посета на Македонија.
Во фокусот на разговорите, како што информираат од Министерството, ќе бидат можностите за унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји, кои изминатиот период остварија интензивна и плодна соработка, како и тридецениското пријателство и континуираниот пораст на трговската размена.
Во рамките на посетата, се очекува потпишување на Договор за стратешка соработка меѓу двете влади, Меморандум за разбирање меѓу Министерството за образование и наука на Македонија и Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија за соработка во рамките на Програмата Stipendium Hungaricum за периодот 2026–2028.
Меморандумот, како што соопштија од МНР, ќе биде потпишан од министерот Петер Сијарто и министерката за образование и наука, Весна Јаневска.