Меџити: Блокирани вкупно 226 страници за онлајн коцкање, новиот закон за игри на среќа ќе биде поригорозен
Вицепремиерот Изет Меџити и еден од политичките лидери на коалицијата „Вреди“ на денешната прес-конференција информираше дека како Влада имаат конкретен резултат во борба против криминалната индустрија на коцкањето и игрите на среќа. Со владината одлука за блокирање на 173 интернет страници за онлајн коцкање, како што нагласи тој, се исполнува едно од најјасните ветувања што ги дале пред граѓаните.
Со овие интернет страници за онлајн коцкање, кои според него на нелегален начин нуделе услуги за игри на среќа во државата, и претходните 53 страници блокирани минатиот месец, бројката изнесува вкупно 226.
– Замислете за помалку од два месеци затворивме 226 страници за нелегалното онлајн коцкање и оваа бројка не е конечна. Само замислете за еден миг колку длабоко и колку далеку има навлезено мафијата на коцкањето во постоењето во нашите животи и каква штета има предизвикано кај поединци и семејства погодени од оваа епидемија. 226 не е само бројка. Oва е директен удар во една криминална мрежа која со години беше планирана и заштитена од структури поврзани со претходната власт. За жал, една политичка партија која денес се претставува како чувар на правата и достоинствениот живот на Албанците, беше главен спонзор на коцкањето и вклучувајќи се директно во оваа индустрија, рече Меџити.
Тој смета дека таа политичка партија на, како што рече, коцкарската мафија го има дадено потребниот политички штит за да расте и се развива без да ја загрози никој.
– Како последица нашите населби беа преполнети со казина, а нашите телефони, таблети и компјутери станаа цел на напад од нелегалните платформи за игра на среќа. Тоа што ДУИ им го направи на албанското општество во Северна Македонија е тешка катастрофа и за оваа катастрофа одговорност ќе има. Само за една година успеавме да го намалиме на делувањето на игрите на среќа во земјата за 40 посто. Ова е голем чекор и јасен доказ за решителноста на „Вреди“ да не прави компромис со никого што го загрозува нашето општество. Ако до вчера имавме казина покрај училиштата, покрај домовите окрај животите на нашите деца денес воспоставуваме ред, закон и достоинство. До вчера ДУИ градеше коцкарски империи, врз сиромаштијата и очајот на Албанците. Денес „Вреди“ ги урива тие империи на криминалот и ја гради иднината, рече Меџити.
Тој ги повика граѓани, а особено младите да не бидат жртви на измамнички мејлови и да не ги прифаќаат нелегалните платформи. Ако имаат депонирани средства на тие страници, порача да ги повлечат што е можно поскоро, а вели дека државата дејствува па тие платформи нема да постојат повеќе.
– Со години, ДУИ се коцкаше со судбината на Албанците ја претвори сиромаштијата во бизнис, а очајот во власт. Тоа време заврши. „Вреди“ не е дел од стариот систем, „Вреди“ не зборува со празни зборови, Вреди“ дејствува. Ова е битка за иднината на нашите деца, за нашата младина, за нашите семејства. Казината не е развој, туку е уништување. Казината не е напредок, тоа е рана. Казината не економија, тоа е криминалот. Ние како влада не сме сојузници на коцкањето, туку заштитници на семејствата. Не сме во служба на криминалните мрежи, туку во заштита на нашето општество и нашиот национален морал им ја сечеме пајажината на казино мафијата во којашто сакаат да ги заробат нашите деца. Тие што градеа богатство на грбот, на болката на нашите луѓе, денес ги изведуваме пред правдата. Денес ги изведуваме пред правдата, рече Меџити.
Тој најави дека Владата интензивно работи на новиот закон за игри за среќа, кој според Меџити ќе биде за 50 до 70 отсто поригорозен од претходниот закон.