Фондацијата на бугарскиот пратеник Манол Пејков досега донирала 29 000 евра и специјален гел за настрадани во Кочани
Пратеникот во бугарскиот парлемент, Манол Пејков, кој веднаш по трагедијата во Кочани основа фондација за собирање донации за помош на семејствата на настраданите во Кочани, денеска соопшти дека дел од собраните средства се префрлени на сметките на семејствата.

Дополнително, како што информира пратеникот од редовите на партијата Демократска Бугарија, деновиве била предадена и донација од лекови за повредените, кои ги нема во земјава, но неговата фондација „Манол Пејков и пријателите“ заедно со бизнисменот од Пловдив, Чило Попов, успеале да ги најдат во Бугарија.
Фондацијата на Пејков по трагедијата во Кочани за неколку дена успеала да собере 624 донации во вкупна вредност од 77 357 лева и 40 центи, односно 39 952 евра и 21 цент.
Една недела подоцна, додава тој, заедно со Чило Попов го посетиле Кочани, каде сретнале со, како што вели, одличниот тим на „Сапорт Кочани“ и идентификувале 18 семејства во особено неповолна положба.
На овие семејства, како што информира Пејков, им се префрлени по 1 500 евра на нивните лични сметки, или вкупно 27 000 евра.
„Потоа донесовме одлука да го задржиме преостанатиот износ во резерва, со оглед на компликациите и потребите што произлегуваат за некои од жртвите“,вели Пејков, додавајќи оти смета дека одлуката била правилна.
Кон крајот на мај, вели тој, повторно биле контактирани од луѓето од „Супорт Кочани“ кои им кажале дека за едно од тешко повредените момчиња, што по повеќе од два месеци се лекувало првин во Бугарија, а потоа во болница во Скопје, се враќа дома.
Неговата состојба бара адаптација на просторот во домот каде што живее со разни алатки и мебел, а кои семејството не можело да ги набави.
„На 27 мај, префрливме 2 000 евра на личната сметка на момчето. Една недела подоцна, добивме ново барање за специјализиран силиконски гел (‘Кело-кет’) кој помага во обновувањето на кожата од изгореници (фотографиите ‘пред’ и ‘потоа’ се неверојатни, иако не се погодни за објавување). Лекот (и сите можни замени) моментално ги нема на македонскиот пазар. По брзо истражување, Чило успеа да го пронајде лекот во Бугарија и да нарача 150 пакувања од поголемиот (15 г) пакет, по добра цена – 46 лева и 90 центи со ДДВ по парче (во повеќето аптеки цената варира од 55 до 68 лева)“,
наведува Пејков во објавата.

Вчера, тој и Чило Попов ја посетиле Амбасадата на Северна Македонија во Софија, каде лично ѝ ја предале донацијата на амбасадорката Агнеса Руси Поповска.
„Г-ѓа Поповска изрази длабока благодарност и се обврза лекот да стигне до посочените адреси во текот на следната недела. На испраќање, таа ни рече дека во нас има пријатели за цел живот“пишува бугарскиот европратеник.
На крајот од објавата тој дава краток извештај за тоа што неговата фондација го собрала за помош на настраданите во Кочани, што е потрошено и што останало досега.
- Собрано: 624 донации со вкупна вредност од 77 357 лева и 40 центи = 39.952 евра и 21 цент
- Донации до денес: 27 000 евра (18 семејства * 1 500 евра, веднаш по трагедијата);
- 2 000 евра (П. П. преку А. П., за да го адаптира својот дом за живеење во новите услови), 6 јуни 2025 година;
- 7 035 лева за 150 пакувања гел против прегорување Kolo-cat, 11 јуни 2025 година;
- Остануваат: 14 385 лева и 66 центи, или 7 355 евра и 78 центи.
Екипа на „360 степени“ кон крајот на март објави сторија од Бугарија, каде на лекување беа пренесени повеќемина тешко повредени лица од пожарот во Кочани, а меѓу луѓето со кои разговаравме беше и Манол Пејков.